Интервју
„Пат кон Калвари“ од сликарско на филмско платно

Лех Мајевски, режисер
Питер Бројгел е пионер и надреалист. Луѓето од неговите слики се такви карактери како да ги гледате филмовите на Фелини со кореографија на Алтман, вели полскиот режисер Лех Мајевски
Сунчица Уневска
Лех Мајевски е екстраординарен уметник. Во Карлови Вари беше најавен како еден од најважните современи филмски автори на нашето време. Но, овој полски уметник не е само филмаџија, тој е и сликар и композитор и поет, а што се однесува до филмскиот занает работи се, монтажа, режија, сценарио, тој е и директор на фотографија, а се разбира често самиот ја прави и музиката за своите филмови. Но, и тоа не е се. Бидејќи, со својот последен филм „Ветерницата и крстот“ Мајевски направи таков спој на сликарство и филм со кој ги помести границите и се обиде да создаде еден поинаков медиум.
Без оглед дали тоа некому му се допаѓа или не, филмот инспириран целосно од сликите на фламанскиот сликар Питер Бројгел, крена нав��стина голема прашина. Уште откако се одржа неговата премиера на годинешниот фестивал во Санденс, авторските права за филмот ги откупи буквално половина свет. По Санденс филмот беше во Ротердам, во Истанбул, во Карлови Вари и уште на бројни фестивали, и секаде Мајевски зборуваше за својата работа, учествуваше на панели и држеше работилници. Бидејќи, „Ветерницата и крстот“ не е обичен филм, тоа е филм кој ги оживува платната на Бројгел и кој успева гледачот да го внесе целосно во овие слики и во драматичните настани во светот на 16 век. Познато е дека мултиталентираниот Мајевски е фасциниран од делата на Бројгел и дека долго го проучувал неговото сликарство, токму затоа првото прашање кое сите ги интересираше беше, зошто токму „Пат кон Калвари“?
„Ги сакам сите негови слики, дури можеби и повеќе, но оваа слика ме избра мене. Американскиот критичар Мајкл Гибсон откако го видел мојот филм ‘Ангелус’ ми ја испрати книгата ‘Ветерницата и крстот’“. Од таму, всушност, и почнува целата оваа работа околу филмот, која траела три години. Мајевски ги преминува границите, истражува експериментирајќи и прави своевиден хибрид на книгата и на сликата на Бројгел. Тој користи компјутерски генериран син екран, 3Д технологија, но и вистински снимања кои се одвиваа во Полска, Австрија и Нов Зеланд. Во филмот играат Руџер Хауер како Питер Бројгел, Мајкл Јорк и Шарлота Ремплинг.
Која беше, всушност, вистинската инспирација за да се зафатите со овој подвиг, да го филмувате Бројгел? Дали тоа беа неговите слики или книгата на Гибсон, во која нема дијалози и не е баш податлива за филмување?
Факт е дека сум фасциниран од сликите на Бројгел уште како дете. „Пат кон Калвари“ не беше тогаш мојата омилена, повеќе бев обземен од неговите дела „Детски игри“, „Вавилонска кула“ и „Ловци во снегот“. Кога ги набљудував овие слики имав желба да влезам во нив, да шетам меѓу луѓето, да ја почувствувам атмосферата. „Ловци во снегот“ правеше да го почувствувам снегот на моите чевли, да го слушам неговото крцкање, можев да ги слушнам извиците, пукотниците, колвењето на гавраните по заледеното езеро. Но, кога се работи за филмот, она што ме привлече беше книгата на Гибсон. Дури тогаш ја открив целата големина на Бројгел. Дијалозите за филмот ги пишувавме јас и Гибсон.
Филмот е навистина неверојатен, досега не сме виделе вакво нешто. Како успеавте целата слика да ја пренесете на филм? Што научивте за Бројгел вака расчленувајќи го целото негово дело?
Многу научив за Бројгел, но и за фламанската сликарска школа. Тие биле екстремно прецизни во сликањето на деталите. И самиот бев изненаден од тој лавиринт на значења што го открив поставувајќи камера со широки леќи пред сликата и филмувајќи ги деталите. Директорот на Историско-уметничкиот музеј во Виена, каде што е домот на сликата, ми обезбеди многу детална ласерска репродукција на делото, така што можевме да го проектираме на платно и да зумираме одредени фрагменти, како во делото на Микеланџело Антониони „Разоткривање“. Оваа конструкција која ја гледате на платното, дефинитивно, е подарок од Бројгел, јас не ја разбирам таа имагинација. Тој е пионер и надреалист. Луѓето на неговите слики се такви карактери како да ги гледате филмовите на Федерико Фелини со кореографија на Роберт Алтман.
Како ги комбиниравте елементите од сликата и живите случувања? Колку во сето тоа ви помогнаа новите технологии?
Секоја слика е комбинација. Визуелните ефекти ги работеше „Одеон“ од Варшава. Поминав навистина многу време пред компјутер. Кога ја анализиравме сликата на компјутер откривме толку многу перспективи. Ние мислиме дека Бројгел користел повеќе скици со различни агли на гледање додека сликал. Фотографиравме и филмувавме од различни перспективи. Секоја просечна снимка има 40 нивоа. Карпите можете да ги фотографирате, но лисјата и дрвјата мора да ги филмувате бидејќи се во движење. Облаците во сликата се снимени на Нов Зеланд. Снимката која ја гледате на почетокот на филмот има 172 нивоа. Звучи неверојатно, но секоја фигура која е ставена во неа е ставена одделно.
Поради користењето компјутер и дигитална технологија, некои го нарекуваат ова дело аудиовизуелна инсталација!
За мене ова апсолутно е филм кој раскажува низ медиумот на новите кинематографски технологии. Знаете, додека јас се занимавав со сликарство еден професор ме праша, дали мислам дека се што е авангардно денес се наоѓа во визуелната уметност? Кога влегов во правењето филмови го напра��ив тоа со цел да сликам, но потоа се почувствувам како да сум го изневерил сликарството. Меѓутоа, денес се повеќе уметници посегнуваат по видео-камери.
Кога решивте да станете филмаџија?
Јас никогаш и не се сметав стриктно за филмаџија. Почнав со сликање и поезија, но еден ден додека стоев пред сликата „Бура“ на Џорџоне сфатив дека, кога денеска би бил сликар би го зеле да прави филмови. Така е и со Бројгел. Кога ќе се загледате во неговата слика имате чувство како да е жива и сакате да скокнете во неа и да видите каков бил животот тогаш. Мислам дека овој филм ја прави таа желба реалистична. Користејќи компјутер и многу имагинација филмот влегува во животот на ликовите од сликата и ни покажува одблиску каков бил селскиот живот, колку било сурово тоа време на шпанско владеење, но и социјалните ефекти на реформацијата. Во извесен поглед секое човечко суштество низ влијанието на естетското и религиозно искуство го достигнува нивото на спиритуалноста. За мене тоа го дава сликањето.
Вашиот филм им ги прикажува на гледачите стандардите создадени во 1563, но низ денешните стандарди на филмскиот медиум!
Тоа е вистина, но мојата улога е скромна. Режисерскиот кредит оди на Бројгел.
Кажете ни, на крајот, како успеавте да ги добиете Шарлота Ремплинг, Мајкл Јорк и Руџер Хауер?
Мајкл Јорк ја видел ретроспективата на мојата работа и сакал да работи со мене, додека Шарлота ме побара откако ја гледала мојата опера „Rose Room“. Хауер не го знаеше моето дело, но тој пораснал во Холандија и на неговиот ѕид имало слика од Бројгел. Тоа за него беше знак за веднаш да прифати да влезе во оваа авантура. |