Мислења
Удар врз правдата и врз соживотот
Ивор Мицковски
Погазени се достоинството на една цела нација и кредибилитетот на целата држава
Карл Маркс има искажано една славна мисла: историјата се повторува двапати, еднаш како трагедија, вторпат како фарса. Оваа мисла, која оригинално му припаѓа на Хегел, а Маркс ја потврдува и ја популаризира, во суштина е банална, но и токму затоа многу одговара за нашата секојдневна реалност.
Македонија е пример за земја каде што историјата се повторува, само за повторувањето да биде уште помизерно од самата трагедија. Имаме премногу такви случаи, но овој пат ќе се задржам на најактуелните два, односно измените во Законот за радиодифузија и автентичното толкување на хашките случаи.
И во двата случаја, тоа што денес се случува е многу пониско, многу помизерно, токму и затоа се нарекува фарса, во однос на оригиналната трагедија што може да ја толкуваме и како историска детерминанта и непроменлива.
Во случајот со измената на Законот за радиодифузија, таквата постапка е само фарса по трагедијата на петгодишното уништување на македонската демократија, слободното новинарство и критичката мисла. Автентичното толкување или амнестијата за хашките случаи, каде што има и случаи на злосторство врз цивили, е само мизерна фарса на трагедијата што ја погоди Македонија во 2001 година, само мизерно отсуство на елементарно чувство за правдина и за човечност.
Сево ова и многу други работи се обична фарса, затоа што гревот не е само во грешките што се прават денес, туку во самиот дух на функционирање на оваа Влада, која во континуитет произведува трагедии, па потоа прави фарси од нив. Сево ова е фарса затоа што сакаат своите недолични потези да ги оправдаат како правилни, како неопходни, затоа што во тој процес го газат сето она што е правично и неопходно, затоа што не' третираат како обични будали.
Случајот со СРД или, поточно, политичкиот упад на власта во единственото независно регулаторно тело, е само последниот чин од едно сценарио што трае веќе пет години. Оваа власт е тоталитарна и еволуцијата во згаснувањето на слободните и независни медиуми, како и оние критички настроените е најдобриот доказ за таквата тенденција. Тој осмислен процес ги доживеа сите можни форми и фази на политичка злоупотреба. Се' почна со вршење притисоци врз индивидуи или врз цели редакции. Потоа се претвори во прозивки и во говор на омраза од самиот премиер, за на крај да се дојде до степен на отворен линч, стигматизација и конечно сатанизација. Брзо се прејде и на поконкретни форми. Се создадоа блиски врски со бизнис и медиумски партнери, со одделни директори и уредници, така, наместо принципот на слободен пазар, завладеа правилото на политичка и правна селективност. На крај, почнаа да се затвораат медиуми, да се апсат одбрани сопственици, да се менуваат уредувачки политики на медиуми. Остана само едно нешто да се направи, една последна институција да се освои за целосна доминација во медиумскиот простор од страна на власта. Таа институција е Советот за радиодифузија. Фарсата, во окончување на целиот процес и освојување на Советот лежи во неаргументираните ставови на власта дека тој бил политизиран од опозицијата, дека бил партиски обоен или дека едноставно бил нефункционален.
Дури и да било така, се поставува прашањето - како власта го решава проблемот? Тоа власта го прави со целосна партизација на Советот и со неуставната одлука новите членови со шестгодишен мандат да бидат номинирани од институции на извршната власт, како и од други институции што се под целосна контрола на власта. Власта на овој начин ја најде квадратурата на кругот. Со СРД под своја контрола сега може комотно да одлучува за судбината на медиумите во Македонија, да одзема и да доделува лиценци, да дава согласност за затворање на одредени телевизии, да цензурира и да казнува по сопствена политичка волја. И не треба воопшто да не' зачудува што оваа фарса и овој упад се случува токму сега и се совпаѓа со стечајната постапка на А1 телевизија. Груевски доби уште еден инструмент, по мениците, за држење под контрола на провладините медиуми и коалициски партнери.
И како конечен доказ за фарсата, само два дена по донесување на измените во Законот за радиодифузија, парламентарното мнозинство го усвои извештајот за работата на СРД за претходната година, фалејќи ја работата на истиот оној состав што политички го напаѓаше и врз кој изврши политички упад.
Случајот со амнестијата на хашките случаи е уште поголема фарса не само поради емотивноста на проблемот, туку и поради фактот што се произведува уште поголема трагедија и неправда. Во минатиот текст ја нападнав власта за нејзините непатриотски постапки, но тука проблемот оддалеку излегува од сферата на патриотизмот. Прво и основно, неуставно и спротивно на меѓународните конвенции е да се амнестираат злосторствата врз цивили. Да биде фарсата поголема, спротивно на она што се случуваше при потпишување на Рамковниот договор кога се бараше натпартиски и надетнички консензус за приведување кон крај на воените дејства, денес сме сведоци на еден дегутантен и политикантски чин во кој двете партии од власта буквално прават политички пазар за остварување на своите партиски цели. Проблемот со жртвите не е само дали станува збор за Македонци или за Албанци, тука нема потреба од никакви поделби. Убиени и мачени се луѓе, цивили, а нашата власт поради политички договор, поради партиски интереси, се одлучи да ја погази правдата, да ги погази правото и достоинството на жртвите и на нивните семејства. Но, сепак, погазено е и достоинството на цела една нација, погазени се чувствата на цел еден народ, погазен е кредибилитетот на целата држава.
Власта тврди дека вака се затвора една трагична страница од нашето блиско минато, но јас мислам дека власта само продолжува со тажната ревизија било на нашето далечно или блиско минато. Ваквите решенија ниту создаваат вистинско помирување ниту, пак, се предуслов за подобра иднина. Ваквите постапки создаваат само зла крв. Погазени се и чувствата на сите оние што се стремат за реален соживот меѓу етничките заедници, затоа што станува збор за договор меѓу една македонска и една албанска партија, меѓу нивните елити, нешто за што со жалење ќе заклучам дека наидува на оправдување кај граѓаните од двата етникума. Ова што се случува е пример за нашето залажување дека се приближуваме кон реален соживот. Ова е пораз за македонскиот етникум, но е подеднаков пораз и за албанскиот. Атина плаче, но Спарта нема причини за радување.
Вчера жртви биле Албанци, денес се Македонци, утре којзнае кој ќе биде. Ние се поделивме по тоа прашање, за нас како општество се прифатливи туѓите жртви, нешто што не води кон здрав соживот. Новата трагедија е што кај Македонецот оваа одлука нема да биде видена како грешка на власта, туку ќе биде повод за нова албанофобија, за нов раздор, за нова поделеност. Оваа одлука не' втурнува во нови етнички ровови, а притоа изостанува јадот кон власта. Жално е како албанските политичари се оглушија од апелите на овие работи да не се гледа од етнички аспект. Жртвите се жртви, без оглед на етничката припадност. Со игнорирање на аргументите дека вакви дела не се амнестираат, тие влегоа во стапицата на работите да гледаат од етничка диоптрија. Притоа, можеби најтрагично од се' е што на овој начин се колективизира вината, што утре во очите на Македонците виновни ќе бидат Албанците, нешто што е сосема погрешно. Вината требаше да се индивидуализира, а виновниците да се казнат соодветно на законите.
Затоа и реков, не треба на овој случај да гледаме само како на етничко пазарење, но, за жал, се случи тоа. Овде жртви сме сите, жртвуван е нашиот соживот, жртвувана е правдата, жртвувана е нашата човечност, без оглед на етничката припадност. Ова не е одлука од типот на Понтиј Пилат, каде што лесно може да се исперат рацете, да се избега од одговорноста. Ова не е одлука каде што се избира да не се одлучи, како што власта сака да ги изврти тезите. Со избегнувањето одредени хашки случаи да се процесираат, донесена е одлука да не се почитуваат законите, да не почитува меѓународното право, да не се почитуваат жртвите. По оваа одлука, сите ние сме помалку луѓе.
(Авторот е аналитичар) |