Брoj 2815  сабота, 18 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Филмот „Созерцание“ ќе го скрши мразот во Скопје


Верица Недеска во сцена од филмот

Филмот на Иво Трајков е прво пприкажување на проект поддржан од македонскиот Филмскиот фонд за 2008 година

Сунчица Уневска

Новиот филм „Созерцание“ на Иво Трајков претпремиерно ќе биде прикажан вечерва во киното „Милениум“ во 20 часот. На ова свечено прво прикажување на филмот кој, како што беше кажано на вчерашната прес конференција, целосно е завршен пред само два дена, ќе присуствува голем дел од креативната екипа од Чешка и од Македонија. Тука е чешкиот продуцент Јиржи Конечни и главниот актер во филмот Давид Швехлик, како и директорот на фотографија Клаус Фуксјегер, кој доаѓа од Австрија. На премиерата ќе биде присутна и Верица Недеска, која игра една од главните улоги, потоа костимографката Маријана Котевска и авторот на главната музичка тема на филмот, Дуке Бојаџиев. Музиката во филмот ја потпишува Зоран Маџиров, кој поради обврски нема да биде присутен на проекцијата. Филмот е чешко-македонска копродукција, во која Македонија учествува со дваесет проценти, но како што нагласи Трајков, поголемиот дел од срцето и авторите се од Македонија.


Чешко-македонската екипа на филмот „Созерцание“ на вчерашната прес- конференција

Инаку, филмот е целосно снимен во Чешка, во Прага и во околните градови и во него се зборува чешки. Тоа е приказна за Јосиф и за неговата потрага, за неговиот искушенички пат на кој ќе го одведе судбината. Првенствено работниот наслов на филмот беше „Јосифовиот пат“, но сега авторите се одлучија филмот да има различни наслови и во Македонија, и во Чешка, а и на англиски јазик за интернационалното претставување. Како што објасни Иво Трајков ниеден наслов не е превод, туку сите се обидуваат на свој начин да проговорат за суштината на овој особен филм, кој се осврнува на духовната состојба на човекот и на себеосознавањето. Македонскиот наслов е „Созерцание“, кој потекнува од православието и кој е архаичен збор со можеби, како што вели Трајков, најточно значење на содржината на филмот. Англискиот наслов е „Без крилја“ (Wingless), а чешкиот гласи „Опашката на гуштерот“.

„Убавината на насловот е во тоа што ве поттикнува да мислите, а јас мислам дека на тоа ќе ве поттикнува и филмот. Насловот 'Созерцание' ја погодува сржта, нема друг термин кој би го изра��ил истото", објаснуваше Иво Трајков, кој рече дека според него и не е најважна приказната на филмот, туку пораката. „Ако авторот има што да каже ќе најде начин“, додаде Трајков објаснувајќи дека филмот е направен со многу мал буџет, но дека важната содржина може да се каже и за десет пати помал буџет. Интересен податок е дека овој филм бил пред две години одбиен од „Еуроимаж“ заради премал буџет, бидејќи овој познат филмски фонд сметал дека не може да се прави филм за помалку од 850 илјади евра. Буџетот на „Созерцание“ е 650 илјади евра.

Чешкиот продуцент Јиржи Конечни рече дека филмот е специфичен и дека навистина мора да имате основен фонд за да го направите. Според него на овој филм се собрала елитата кога станува збор за креативниот тим, и дека сите тие го дале својот придонес со тоа што работеле за многу мали хонорари. Македонскиот продуцент Роберт Јазаџиски потврди дека зад овој филм се крие голем ентузијазам.

Претпремиерата во Македонија ја организираат македонскиот продуцент „Кавал филм“ и Филмскиот фонд на Македонија, додека официјалната премиера и копирајтот на филмот ќе бидат од 2009 година. Затоа ова ќе биде само едно прикажување, кое е наедно и прва премиера на еден од филмовите што ги поддржа Филмскиот фонд на својот прв конкурс наменет за проекти за 2008 година. А како што најави директорот на Фондот Дејан Илиев, до крајот на годината од деветте поддржани проекти се очекува да се завршат и филмот на Митко Панов „Војната заврши“ и на албанскиот режисер Ѓерѓ Џувани „Исток-Запад-Исток“.


Статијата е прочитана 160 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Почина Фазил Хисни Дагларџа
Стихови и плакати во чест на Сезeр
Институтот за духовно наследство на Албанците во колапс
Бразилска босанова и норвешки џез
„Тапани во ноќта“ гостува на МЕСС
Одличен прием на „Мир на сите“ во Русија