Одличен прием на „Мир на сите“ во Русија
„Мир на сите“ ќе се прикаже и на 11. документарен филмски фестивал во Истанбул
Етнофилмовите на Конеска и на Владимир Боцев, на Московскиот фестивал за визуелна антропологија
Катерина Богоева
На годишниот, четврти по ред Московски меѓународен фестивал за визуелна антропологија „Камера - посредник", одржан од 2 - 8 октомври во главниот град на Русија, во организација на Ломоносовиот Универзитет и Институтот за културно наследство, се прикажани два македонски филма „Мир на сите“ на Елизабета Конеска и „За сега сме добро" на Владимир Боцев, етнолози кустос - советници во Музејот на Македонија. Во Уметничкиот кинотеатар во центарот на градот (кој се смета за најстаро кино во Москва) и на Институтот за културно наследство „Димитри Ликхасхев“, публиката можела да види над 70 филма од различни делови од светот, а е одржана и научна конференција на тема „Аудиовизуелна антропологија - теорија и пракса“.
По враќањето од Москва, Елизабета Конеска деновиве посочи на значењето на фестивалот кој се смета за еден од најголемите и најреномираните од таков вид во светот, но и на приемот на „Мир на сите“ кај публиката.
„Оваа година беа присутни голем број од авторите на филмовите како и некои теоретичари. Дел од нив се сметаат за многу значајни имиња во визуелната антропологија во светот: Питер Биела од Сан Франциско, Паоло Чози од Фиренца, Нашко Кризнар од Љубљана, Мајкл Јорк од Лондон, Евгениј В. Александров од Москва и други. Проекцијата на „Мир на сите" имаше одличен прием кај публиката, а по неговото прикажување, беа поставувани и повеќе суштински прашања за темата што ја обработува. Значајно е што публиката ја препознава пораката која произлегува од насловот на филмот и од неговата содржина: мир на сите, мир на оние кои имаат добра волја и желба за разбирање. Пораката, се разбира и се пренесува. Скоро на секоја од досегашните проекции на филмот е забележано дека пораката, односно примерот на „Мир на сите" доаѓа токму од балканскиот простор и од Македонија“ - вели Конеска и посочува дека во филмот е прикажан извонреден пример на заедништво, на разбирање и толеранција меѓу различни етнички и религиозни групи, меѓу Македонци, Албанци, Турци, и Роми, меѓу муслимани и христијани, преку одбележување на денот Ѓурѓовден односно Хидрелез во малото светилиште, црквата „Св. Никола“ односно турбето „Х д р баба“, во западна Македонија“.
На Меѓународниот фестивал за етнографски филм во Белград, минатата година, филмот „Мир на сите“ е награден со Гран При. Изработен е во продукција на Фокус Ин, а годинава, освен во Москва е прикажан и на повеќе меѓународни филмски фестивали во Европа: во Готинген, Германија, Тренто Италија, во два наврати и во Љубљана и Хрватска, како и во Џаипур, Индија. Следи негово прикажување и на 11. по ред, 1001 документарен филмски фестивал, во ноември во Истанбул. |