Институтот за духовно наследство на Албанците во колапс
Мируше Хоџа, директорка на Институтот, го обвинува вицепремиерот Адеми, кому му поднела и тужба
Невена Поповска
„Институтот за духовно културно наследство на Албанците е во целосен колапс и не функционира. Кој, како и зошто ја предизвика ваквата состојба на Институтот?“- праша на вчерашната средба со новинарите Мируше Хоџа, која до неодамна беше вршител на должноста-директор на Институтот. Виновникот за настанатата ситуација, Хоџа го лоцира во Вицепремиерот Абдулхаќим Адеми, кој, како што информираше Хоџа, на 26 август поради политички причини ги разрешил тројцата членови на Советот одредени од Владата, а Институтот за оваа одлука бил информиран дури на 3 октомври. Ваквата одлука на Адеми довела до состојба да се блокира Одлуката на Советот на Институтот за повторно именување на Мируше Хоџа за вршител на должноста директор на Институтот за духовно наследство на Албанците, а со тоа истовремено се суспендира и деветчлениот Совет на Институтот. На овој начин Институтот е доведен во ситуација поради политички упад да се блокираат сите правни можности во иднина законски да се избираат двата раководни органи на Институтот.
Хоџа излезот од настаната состојба го гледа единствено во немешањето на Вицепремиерот Абдулхаќим Адеми во работата и организацијата на Институтот и да дозволи Институтот да биде воден од надлежните институции, што подразбира, ресорното министерство за образование и наука и органите на Институтот, т.е. Директорот и Советот.
Во министерството за образование и наука блокадата на Институтот ја објаснуваат со недостаток на кадар. Имено, за формирање на една ваква институција, законот предвидува во истата да се вработени најмалку тројца доктори на науки. Тој услов бил исполнет при формирањето на Институтот за духовно културно наследство на Албанците , каде покрај нив биле вработени уште тројца магистри и четири помлади асистенти. Но, неодамна двајца од вработените доктори на науки заминале на други работни места и на овој начин институцијата функционирала со само еден вработен доктор на науки. Во министерството за образование ова го толкуваат како недостаток, додека Мируше Хоџа вели дека законот тоа го бара како услов кога се формира ваква институција, а не кога веќе почнала да функционира.
Што се однесува до функционирањето на Институтот, Мируше Хоџа појасни дека сосема добро се работело се до овој упад. Досега од проектите реализиран е „Ономастика и идентитети“, додека завршени се комплетно и чекаат на реализација: научното списание „Траги“ и монографијата за Мајка Тереза. Истовремено, Хоџа информираше дека досега се собрани голем број материјали кои претставуваат духовно културно наследство кои вработените од Институтот ги собирале на терен и работеле со самофинансирање. Редовно аплицирале за средства пред министерството за образование и наука за проекти, симпозиуми, за објавување на изданија итн. Во април, годинава на нивната апликација за средства од министерството за образование им биле доделени средства во висина од 2 милиони денари, но тие до денеска не биле трансферирани на сметка на Институтот поради настанатата ситуација.
На целосниот колапс на Институтот за духовно културно наследство, Мируше Хоџа гледа како на чист политички упад, во кој таа претставува жртва на партиска пресметка меѓу ДПА и ДУИ. Во обидот да се средат состојбите, се обидела писмено да стапи во контакт со министерот за образование и наука и надлежни од министерството, но не добила никаков одговор. Писмено се обратила и до Премиерот, Никола Груевски и до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но досега нема никакви резултати.
На крајот беше упатен апел до надлежните што поскоро да се преземат активности со кои ќе се надмине ваквата состојба на „ќорсокак“ во кој е доведен Институтот за духовно културно наследство на Албанците и истиот повторно нормално да функционира, а на Вицепремиерот Абдулхаќим Адеми му поднела кривична тужба за изречените неосновани клевети со кои и наштетил на честа и угледот. |