Бразилска босанова и норвешки џез
Ѕвездата на бразилската босанова Маркос Вале
Маркос Вале ја отвора вечерта посветена на 50-годишнината од бразилската босанова
Бразилска босанова и норвешки џез е понудата за овој викенд на „Скопскиот џез-фестивал“. Вечерва, во Универзалната сала, од 20.30 часот, бразилската ѕвезда Маркос Вале ја отвора јубилејната вечер посветена на 50-годишнината од бразилската босанова, во чии рамки ќе се претстави со проектот „Bossa entre Amigos“, специјално концертно шоу кое ги вклучува некои од најдобрите композиции од неговиот опус. Ексклузивен гостин на неговиот концерт во Скопје е реномираната бразилска пејачка и гитарист Ванда Са, позната меѓу другото и по извонредните изведби на композициите на Вале. Во оваа прилика, на концертот во Скопје, Маркос Вале ќе настапи со нови аранжмани на композициите кои ќе ги изведе заедно со својот петчлен состав и со гостинката Ванда Са. Инаку, Маркос Вале е еден од најдобрите претставници на босановата, пејач, композитор, текстописец и продуцент на повеќе од 20 соло-албуми, кој ја вкрстува топлата бразилска музика со џезот. По Вале, во рамките на оваа босанова вечер настапуваат бразилските ѕвезди Марсио Фарако (вокал и гитара), Трио Есперанца (вокал), Филипе Баден Пауел (пијано), Мариана де Мораес (вокал) и Марсел Пауел (гитара), со уште петчлена инструментална придружба и со специјална програма за јубилејот.
Саботната џез понуда продолжува со концертот на холандската група „Зуко 103“, на полноќ во клубот „Хард-рок“. Ова трио, кое македонската публика веќе имаше прилика да го слушне пред неколку години, исто така на СЏФ, е познатото по лансирањето на „бразилектрото“ – комбинација на џез, бразилска и електронска музика. Сепак, тајната на нивниот карактеристичен звук лежи во специфичните примеси на најразлични музички додатоци: афро-кубански, драменбејс, етиопски, западно-африкански и даб звуци. Накратко, рушењето на границите на различните култури и музички стилови е карактеристиката на овој бенд, кој во Скопје ќе го промовира најновиот, шести албум „After the Carnaval“ кој нуди повеќе елементи на рокенрол.
Неделата е резервирана за норвешкиот џез. На сцената на Македонската опера и балет, во 20 часот, настапува пијанистот и композиторот Bugge Wesseltoft, кого критиката го споредува со Мајлс Дејвис или Ерик Сати. Најпознатиот проект на Bugge е истоимениот деби албум на неговиот состав „New Conception of Jazz“, свеж ��онгломерат од различни музички влијанија. Неговото соло творештво опфаќа широк спектар на звуци: од мелодично пијано до експериментална и атонална музика и бучава. По екстремниот пијанист, концерт ќе одржи Квинтетот на еден од највозбудливите современи тенор саксофонисти и композитори во Норвешка, Карл Сеглем, кој во својата музика ја комбинира богатата норвешка фолк традиција - вокалната и особено онаа што произлегува од звукот на норвешката виолина - преку неговиот специфичен уметнички израз, создавајќи модерни звучни пејзажи, мешавина на џез, фолк и „world“ музика. На крајот на оваа вечер, на полноќ во клубот „Хард-рок“ настапува групата „The Mongolian Jet Set“, претставници на т.н. фјучр џез-сцена, кои патуваат низ неоткриени музички територии, таму каде што се уште не допрело човековото уво. (Л.М.) |