Број 3406  четврток, 14 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter

За поголема добивка - поголем ризик

Што е поисплатливо, а што е посигурно - дилема меѓу штедење во банка или вложување во инвестициски фондови

Соња Маџовска

Дали да се избере посигурно штедење во банка или парите да се вложат во инвестициски фондови, кои можат да ви донесат добра заработка?

Оваа дилема си ја поставуваат македонските граѓани, но се' уште не се начисто и затоа повеќето парите ги чуваат в банка.

Најдобро е кога човек има пари, еден дел да депонира во банка, а со другиот дел да игра индивидуално на Македонска берза или преку инвестициските фондови на странските берзи. Всушност, ако Македонците дојдат до вишок пари прво на што помислуваат е да ги стават в банка или да купат недвижен имот - стан, куќа, дуќан, земја, а акциите се на трето место.

На инвестирањето во хартии од вредност секогаш се гледа како на нешто што носи голем ризик, а не како на можност да се заработи. Според македонскиот ментален склоп, за штедењето во банка нема дилема дека е најсигурно.

Во соработка со Стопанска банка и инвестицискиот фонд „Илирика“, „Утрински весник“ анализираше колкава е добивката доколку се штеди во банка, а колкава ако се купат удели во инвестициските фондови, кои потоа инвестираат во странски компании од типот златни рудници, нафтени гиганти, авиобрендови и автомобилски марки.

Направивме анализа за сума од 50.000 евра. Ако се депонираат во банка како девизен депозит, за камата од 5,4 отсто, орочени на една година, по истекот на таа година би добиле принос од камати во вредност од речиси 2.700 евра, а доколку штедите во денари, добивката е двојно поголема или 4.400 евра, бидејќи и каматата е значително повисока и изнесува 8,8 проценти.

Кај вложувањата во инвестициските фондови ризикот е поголем, па се' зависи од растот и од падот на цените на акциите на светските берзи. Ако, на пример, сте вложиле 50.000 евра на 6 октомври 2009 година, кога вредноста на уделот била 53,69 денари, а сте решиле да ги подигнете парите на 6 октомври годинава, кога еден удел изнесувал 60,85 денари, заработката би била 3.700 евра, или 7,38 отсто. Тоа и не е некоја голема разлика со штедењето во банка. Поинаква е пресметката ако се земел периодот од 3 март 2009 година до 3 март 2010 година. Тогаш заработката била многу поголема или 20.500 евра, односно 41,5 отсто.

Банкарите велат дека кај нив лежи сигурноста. „Банките нудат бројни опции за штедачите со гарантирани приходи од камати. Самото тоа ги прави поатрактивни од поризичните инвестиции во хартии од вредност. Дополнително, државата гарантира за сите депозити до 10.000 евра, или 90 отсто до 20.000 евра, а наскоро се планира да се воведе законот за гаранција на депозитите до 30.000 евра, што е од големо значење за штедачите, но и за банките“, велат од Стопанска банка.

Од инвестициските фондови уверуваат дека тие прават дисперзија на ризикот, со тоа што парите ги вложуваат не во една, туку во повеќе и во сигурни светски компании. „Секој ден инвеститорот добива извештај за вредноста на уделот, а еднаш месечно добива извештај за тоа во кои компании се инвестирани неговите пари, во кои земји, на кои берзи, во која вредност. Инвестирањето секогаш е поврзано со одреден степен на ризик, или неможност да му се оствари планираниот принос на клиентот. Фондот го гарантира бројот на уделите, а не и вредноста. Сигурноста ја гледаме во тоа што го дисперзираме ризикот, инвестирајќи во повеќе светски компании, а не во една. Исто така, клиентот може да си ги подигне парите кога сака“, објаснува Александар Манев од „Илирика“. Според него, станува збор за словенечки фонд, кој одлуките за инвестирање ги носи по опсежна анализа. Од „Илирика“ порачуваат дека секој што ќе се реши да ги вложи парите во фонд треба на нив да гледа како на инвестиција на долг рок, на пример, од три до пет години. Тие советуваат клиентите одеднаш да не вложуваат големи суми, туку по 500 евра месечно, на пример, односно за нив најважен е континуитетот во инвестирањето.

Во изминативе неколку месеци се забележителни кампањите и на банките и на инвестициските фондови. Банките се борат да го одржат депозитниот потенцијал, кој им е многу важен и од кој зависи нивото на кредитирање, а инвестициските фондови се борат за поголем колач на пазарот. Во реалноста сликата покажува драстични разлики.

Конкретно, во македонските банки има вкупно штедни влогови од три милијарди евра, од кои околу две милијарди евра се на граѓаните, или во просек секој Македонец во банка има нешто повеќе од илјада евра. Фондовската индустрија во земјава моментно тежи 2,3 милиони евра, што претставува исклучително мал процент, или едно евро на глава на жител. За разлика од нас, секој Словенец во банка има две илјади евра, но во фондови вложил 1.100 евра. Во Австрија, пак, многу малку се чуваат пари во банка, па секој Австриец во банка чува само четири илјади евра, а во фондови вложува по 17 илјади евра. Според податоците, во просек на долг рок, вложувањата во инвестициските фондови секогаш носат најатрактивен принос. Статистиката зборува дека во последните 100 години приносите на инвестициските фондови се движат од 12 до 16 отсто.

Моментно за инвеститорите се интересни берзите во Бразил, Русија, Кина и во Индија.

Споредба

Девизен депозит 50.000 евра

Камата 5,40 отсто

Ороченост 1 година принос од камата 2.691 евро


Денарски депозит 3.075.000 денари,

или 50.000 евра

Камата 8,85 отсто

Ороченост 1 година принос од камата 271.876 денари,

или 4.425 евра

Извор - Стопанска банка калкулација со депозит 12-13


Удел во инвестициски фонд 50.000 ев��а

вредност на еден удел на 6.10.2009 г 56,66 денари

вредност на еден удел на 6.10.2010 г 60,85 денари

Заработка 7,38 отсто

Добивка за 1 година 3.692 евра

Извор - инвестициски фонд „Илирика“


Штедните влогови во банките сега се загарантирани до 20.000 евра, а од 1 јануари до 30.000 евра

Во инвестициските фондови се гарантира само бројот на уделите, но не и вредноста

Потребно е време за фондовите

Според професорот Владимир Филиповски, во финансиското инвестирање логиката е дека колку финансискиот инструмент е поризичен, инвеститорите очекуваат повисок принос за да инвестираат во него. „Историските податоци за развиените економии го потврдуваат фактот дека повисоките приноси одат заедно со повисок ризик. На пример, просечните приноси на индексите на акции се повисоки од приносите на банкарските депозити, но и степенот на флуктуирање на вредноста на индексите е повисок од промените на реалните депозитни стапки. Историјата на нашите инвестициони фондови е многу кратка. Можеби ќе биде потребно да помине еден комплетен економски циклус за да се оцени колкав дополнителен принос можат да остварат фондовите, како компензација за дополнителниот ризик“, смета професорот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Владимир Филиповски.


#
Статијата е прочитана 1013 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 14.10.2010 13:19:45
Kako trgnalo, se zivo i divo dvira i paga, pa ispaga deka najdobro e da nemas pari.
Од: трпе
Датум: 14.10.2010 22:08:06
најдобро е како ромите, денес изеди и испи се што имаш, најсигурно е така...

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Немоќта на седмата сила
Македонско-бугарски историски контроверзии (5)
Првачињата ќе останат без учебници
Поштари без сметки
Џенифер Анистон не е убавица
Судски пресврт во случајот со Спаска Митрова?
Дерил Хана доаѓа на „Браќа Манаки“
Фиџи не знае каде им е независноста
Крадам од сонот за да добијам време
Храброст
Огорчените гласачи раскрстија со политичарите
Магистрите правници не може да бидат судии?
Запленети еден милион лажни лекови
Ал Џезира со Горан Милиќ во поход на Балканот
Местото на Македонија е во ЕУ
Металург го прегази Вардар во дербито
Карикатура
Во Нов Зеланд алкохолот поевтин од водата
Стил






Analysts critical of Hungary's extra taxes
New Dutch government to take tough stance on Serbian accession
EU and US have 'converging' views on Kosovo and Serbia