Највлијателни жени во светот
Заминала со 35 долари, а се вратила како најбогата жена
Магазинот „Тајм“ ја направи листата на 25 највлијателни жени во изминатиот век
Нобеловки, музичарки, активистки, писателки, политичарки, авторки, докторки... Нивните имиња се запишани во историјата. Тие се мајки, баби, нежни сопруги, но, пред се', жени што го променија светот.
Меѓу првите на листата на „Тајм“ на 25 највлијателни жени на светот во изминатиот век е Џејн Адамс, социјална работничка и жена, која кон крајот на 19 век во Чикаго ја спровела својата идеја за отворање населба во која биле згрижени социјално загрозени случаи. Воедно, таа била прва Американка, која освоила Нобелова награда за мир. Умрела во 1935 година.
Меѓу највлијателните жени е и Корасон Акино, прва претседателка на Филипини, но и прва жена претседател на некоја азиска држава. Се залагала за општествени реформи и демократско општество. Умре во 2009 година.
Ако не беше Рејчел Карсон (1907-1964), денес можеби немаше да постои ниту Зеленото движење. Таа е жена која за целиот свој работен век се залагала за заштита на природата, а токму нејзините книги довеле до основање Агенција за заштита на околината. Една од највлијателните жени на светот, секако, е и Коко Шанел. Таа ја измисли модата и го промени светот. Од пејачка во кабаре дошла до највлијателна жена на светот. Била прва дизајнерка. Нејзината облека дишела со скриен луксуз... Починала во 1971 година. На листата се наоѓа и Џулија Чајлд, виртуоз во кулинарството и жена која под паролата „висока кујна за - обичниот човек“ засекогаш го променила начинот на кој готват Американците. Тука е и Хилари Клинтон, сопруга на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, голем борец против насилство над децата. Денес е државна секретарка на САД и жена која навистина има авторитет, посебно кога се работи за воени прашања.
Француската физичарка со полско потекло Марија Кири со причина е на листата највлијателни жени на светот. Го измислила поимот радиоактивност и открила два елемента - радиум и полониум. Покрај тоа, таа два пати е добитничка на Нобелова награда. Меѓу највлијателните жени се и Арета Френклин, американска соул-пејачка, школувана пијанистка, потоа Индира Ганди - индиска политичарка која беше убиена во атентат во 1984 година, како и Есте Лаудер, кралица на козметиката.
Највлијателна жена на минатиот век е и кралицата на поп-музиката - Мадона. Уште како тинејџерка покажувала исклучителна дарба, била енергична танчерка и девојка со убав глас, но немала пари. Родниот дом го напуштила со 35 долари во џебот, а денес се наоѓа на листата на најбогати жени во светот.
Меѓу 25 најмоќни жени свое место најдоа и Маргарет Мид, антрополог, израелската политичарка Голда Меир, како и уште една и денес многу влијателна политичарка - Ангела Меркел. Таа е прва германска канцеларка. Дипломирала физика, но станала политички активна веднаш по завршување на факултетот. На парламентарните избори во 2009 година, по втор пат беше избрана за германска канцеларка. Денес ужива голем авторитет во светот и нејзиниот глас се почитува, било да се работи за климатските промени или за штедењето поради глобалната економска криза.
Меѓу највлијателните жени во светот се и Сандра Деј О'Конор, прва судијка во американскиот Врховен суд, Роза Паркс - мајка на модерното Движење за човекови права, Џијанг Кинг - позната и како госпоѓа Мао, сопруга на претседателот Мао Цетунг, која имала богата актерска кариера, жена која создала осум револуционерни опери, а наводно била и член на т.н. Четиричлена банда. Била осудена на смрт, а потоа помилувана. Наводно, во 1991 година извршила самоубиство во затвор.
На листата се и Елеонор Рузвелт, сопруга на поранешниот претседател на САД Френклин Рузвелт и американска социјална активистка, потоа Маргарет Сангер, заговорничка за контрола на раѓање и основач на Планирано родителство, Глорија Стејнем, американска социјална активистка, новинарка, феминистка и политички активна жена, како и Марта Стјуарт, деловна жена која својата страст за луксузен живот ја преточила во кариера на експерт за животен стил.
Највлијател��а жена од минатиот век е Мајка Тереза, која 45 години служела на сиромашни и болни лица. Мајка Тереза била мисионерка на љубов, која по смртта во 1997 година била прогласена за најголема хуманитарка. Меѓу 25 највлијателни се и Маргарет Тачер, британска политичарка позната како челичната дама, потоа американската ТВ-водителка и продуцентка Опра Винфри, која се издигна од сиромаштија и стана една од најбогатите жени во светот и, секако, меѓу највлијателните е и Вирџинија Вулф, најголема англиска писателка на 20 век и основач на феминистичката литературна критика. (МИА)
|