Новинарите не смеат да ги откривааат изворите!
Стразбур - Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се стави вчера во заштита на новинарите, заклучувајќи дека откривањето на изворите на информации треба да биде „ограничено“ само во исклучителни ситуации, кога се ставени во прашање виталните јавни интереси. Во вакви случаи властите треба јасно да посочат поради кои причини е ставен во прашање виталниот интерес за да мора да биде откриен изворот на информации.
Според парламентарците, заштитата на изворите на информациите на новинарите „претставува главен услов за слободно вршење на новинарската професија и почитувањето на правото на јавноста да биде информирана за прашања од општ интерес“.Во дебатата беше изразена загриженост поради зголемениот број случаи во Европа властите да ги принудуваат или да се обидат да ги принудат новинарите да ги откриваат своите извори, и покрај јасните правила утврдени од Европскиот суд за човекови права.
Државите-членки, кои не располагаат со законодавство што го регулира правото на новинарите за тајноста на изворот на информациите, се повикани да донесат вакви закони. (МИА) |