Стоматолозите се побунија поради скратените плати
Околу сто вработени од стоматолошките клиники вчера во клиничкиот двор излегоа на предупредувачки мирен протест. Половина час, од 10 до 10,30 часот, стоматолозите протестираа изразувајќи го своето незадоволство и револт, како што велат, од лошото менаџирање на директорскиот тим, што оваа некогаш врвна стоматолошка установа ја водело во пропаст. Вработените ги обвинија директорите дека незакоснки им ги кратат платите, им вршат мобинг и ги тераат постарите вработени да си заминат во пензија.
„Ни се наметнуваат норми за работа што не може да се исполнат и автоматски ни се намалуваат платите. Врз постарите колеги се врши притисок да одат во пензија, а се прават планови и за давање на клиниката под концесија, што на крај ќе заврши со нејзино целосно уништување“, истакна вчера д-р Атанас Шуков, претседател на синдикатот на Клиниката за стоматологија.
На протестот на стоматолозите поддршка даде Клиничкиот синдикат. Состојбата на стоматолошката клиника, како што рече претседателот на синдикатот на клиниките, Дејан Ставриќ, всушност ја преставу��а пошироката слика на целото јавно здравство, од што најмногу страдаат пациентите, а потоа и лекарите.
Двајцата директори на оваа клиника се правдаат дека месечно имаат приходи од 80 милиони денари, а расходите им се 140 милиони денари, па затоа мора да се намалат платите на вработените, за да не останат без материјалите за работа. „Правилникот дека секој стоматолог треба месечно да остварува по 100.000 денари е од 2008 година, а и најголемиот број од новите вработувања се во периодот пред да бидеме ние менаџери“, се правадаа економскиот менаџер Дејан Илиоски и стручниот директор Адријан Даци. Доколку синдикатот не се согласува со ваквата мерка, тогаш менаџерите најавија дека ќе бидат принудени одреден број вработени да ги прогласат за технолошки вишок.
За министерот за здравство, Бујар Османи, протестот на стоматолозите не е поврзан со кој било проект на Министерството за здравство или со надлежностите на ресорното министерство. „Во тој Клинички центар ќе мора да се преземат одредени мерки со цел клиниката да се развие, а за тоа треба двете страни да соработуваат. На вистински пат сме да најдеме решение со дијалог и очекувам двете страни да седнат и да го изнајдат решението“ додаде Османи. (Ј.Ј.) |