Нови 280 вработувања во здравството
Во здравството ќе се вработат нови 280 здравствени работници. Од нив 200 ќе бидат доктори по медицина, 60 медицински сестри и 20 рендген и лабораториски техничари, за потребите на сите јавни здравствени установи во државата. Трошоците за нивните плати се проценуваат од 1,9 милиони евра до 2,4 милиони евра и ќе бидат обезбедени од буџетите на здравствените установи. Оваа одлука била донесена на последната седница на Владата.
„Работната група водеше сметка за буџетот на установата, можноста установата да не троши повеќе од 70 отсто од вкупните расходи за плата, процентот на учество на немедицинскиот кадар во вкупниот кадар, искористеноста на капацитетите на установата вкупно и по одделенија, односно извршени здравствени услуги на неделно ниво по доктор и при евентуално зголемување на бројот на вработени да не дојде до генерирање на нови долгови во болниците“, рече министерот за здравство Бујар Османи. Околу 50 отсто од новите вработувања ќе се реализираат во општите и клиничките болници, универзитетските клиники и во специјалните болници, додека 10 отсто во новата градска општа болница „8 Септември“, каде неофицијално ќе бидат вработени, 20 лекари и 20 медицински сестри.
Од каде Владата ќе најде толку многу специјалисти, кои се и најпотребниот кадар по болниците и клиниките, Османи не прецизира. А од Министерството за здравство излегоа со податок дека готови специјалисти се потребни само на Клиниката за гинекологија, на Клиниката за хируршки болести и во ГОБ „8 Септември“ само за одредени специјалности. Останатите се доктори по општа медицина кои ќе се упатат на специјализација или пак се во тек со специјализацијата.
„Специјалистичкиот кадар допрва ќе се оформува, а според податоците од Агенцијата за вработување, имало доволен број лекари“, додаде Османи. Тие ќе се вработуваат во установи каде има лекари кои уште четири години ќе заминат во пензија, па ќе има време да го едуцираат потребниот кадар. Дали и овие вработувања ќе бидат по партиски клуч? Османи рече дека изборот на лицата ќе се направи врз основа на објавените огласи за вработување.
Министерот за финансии, од каде што се добива и согласност за новите вработувања, Зоран Ставрески, рече дека за оваа одлука многу не се мислел, зошто е мошне значајна за јавното здравство. „Со новите вработувања ќе се пополнат празнините во сите јавни здравствени установи низ државата. Се работи за чисто продуктивни вработувања, односно директен медицински персонал кој ќе го зголеми обемот на услуги и квалитет“, истакна Ставрески. (Ј.Ј.) |