Професори и студенти ќе се „соочат“ пред споменикот
Со новата верзија на измените, Министерството обезбеди поддршка од ректорските управи во Скопје, Штип и во Битола
Билјана Јовановска
Во временски интервал од околу еден и пол час, денес дел од професорите и студентите на Скопскиот универзитет ќе одржат протести пред споменикот на Св. Кирил и Методиј во кампусот. Индикативно е што тие овој пат се на спротивни страни - професорите го креваат гласот против измените на Законот за високо образование и контиунираните упади во уставно загарантираната автономија, додека Сојузот на студентите оди со контра протест и ги поддржуваат законските измени! На последната седница на Сенатот на УКИМ, десетте студенти изричито беа против предлогот на министерот. Иако сите универзитети и државни и приватни ја отфрлија иницијативата за измени на Законот за високо образование, бидејќи оценија дека решенијата се неиздржани и контрадикторни со постојните, министерството изготви нова верзија на измените и со тоа ја обезбеди поддршката од ректорските управи на државните универзитет�� во Скопје Штип и Битола.
Професорот Гордан Калајџиев, кој е во иницијативниот одбор за протестот, вчера ни изјави дека инструментализирањето на студентите со контра протести е познат метод на власта. „Нашиот мирен протест е кревање на гласот на академската заедница и е израз на единственоста и потребата на универзитетските професори за заштита на уставното начело на автономијата на Универзитет. Тоа што студентите организираат контраптротест кој е против уставното начело по дефиниција е контрауставен. Во историјата на нашиот универзитет не е забележано вакво нешто и ова е брука за студентите. Ректорот ни изрази поддршка, а тоа што сега ретерира е проблем на неговиот интегритет“, вели проф. Калајџиев во изјавата за нашиот весник.
Ректорот Велимир Стојковски, пак, со спротивен став: „Универзитетот не „ретерира“ затоа што нема од што да ретерира, туку не поддржуваме каква било вонинституционална реакција, во услови кога единиците на Универзитетот расправаат и се во фаза на изјаснување за предлог-измените, а ќе расправа и Ректорската управа и Сенатот. Со новиот предлог за некои работи се предложени изменети решенија за кои органите на УКИМ ќе дискутираат и ќе се изјаснат дали се тие прифатливи. Во таа насока, Универзитетот секогаш ќе се залага за институционална форма на комуникација и институционално решавање на сите отворени прашања. Затоа, сметаме дека во овој момент повеќе од потребно е универзитетските професори и студентите да го зачуваат својот дигнитет, дигнитетот на академската заедница и дигнитетот на високото образование почитувајќи ги пропишаните процедури на изјаснување и дејствување низ легитимните органи на Универзитетот“, ни изјави ректорот на најстариот државен универзитет.
Министерот Тодоров вчера упати сериозни критики и обвинувања кон професорите - иницијатори на протестот, изразувајќи убеденост дека тие, за разлика од студентите се политички инструирани. Според министерот „тоа се истите оние професори кои беа многу гласни или најгласни за грешките во учебниците, оние кои се бунеа против намалување на партиципацијата, а кои сега негодуваат против измените во Законот и ги коментираат како измени кои ја нарушуваат автономијата“. Тодоров прашува „дали претставува нарушување на автономијата воведување на обврска за држење на настава од страна на професорите, обврска за објавување на научни трудови, дали е нарушување на автономијата или упад обврската за интернационализацијата на универзитетите или пак обврската за давање отчетност особено за финансиските аспекти на функционирање и начинот на кој се трошат средствата за партиципацијата што ги уплаќаат студентите“.
|