Протест со протест се побива
Паралелните демонстрации на незадоволство се резултат на партиократскиот режим во државава, велат експерти
Александра М. Митевска
Настаните во скопски Карпош каде што се водеше жестока вербална војна меѓу локалната администрација и поддржувачите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ (која во оваа општина е во опозиција), ги покажаа на дело сите фалинки на контрапротестите, како дел од стратегијата за борба против политичките противници. Тоа што не се случи пред седиштето на СДСМ за време на протестот и контрапротестот на тутунарите, лесно можеше да се случи во единствената скопска општина што е под контрола на опозицијата, каде што кавгите меѓу спротивставените групи граѓани беа на раб на инцидент.
Според експерти, со зачестените протести и контрапротести дополнително се разгорува политичката атмосфера и се продлабочуваат поделбите меѓу граѓаните. Така и политичките фрустрации се префрлаат на одредени категории граѓани, а проблемите само се таложат, место да се решаваат.
Универзитетскиот професор по социологија, Илија Ацески, вели дека вакви случувања се карактеристични за партиократски општества. „Битката за решавање на проблемите не се води во институциите, бидејќи власта таму секогаш е надмоќна, туку се сели на улиците. Така политичката битка се претвора во театар и така завршуваат овие партиократски системи“, објаснува Ацески.
Партиократијата, според него, има плодна почва во Македонија и поради тоа што на политичката сцена нема трета опција што би ги загрозила двете доминантни партии што водат беспоштедна битка. За трета опција, појаснува професорот, не можат да се сметаат партиите од албанскиот блок бидејќи тие секогаш се приклучуваат кон една од партиите од македонскиот камп, без оглед на идеологијата. „Затоа граѓаните во државава живеат како во некоја зачадена просторија зашто од силните конфронтации меѓу двете партии не може да се види што е вистина. Така јавноста станува жртва на политичките конфронтации и на силните медиумски кампањи, па не може да проникне во сржта на проблемот околу кој се протестира. А, секој поединец што ќе заземе страна, веднаш добива и политичка етикета. Затоа и е толку голем процентот на неопределени гласачи“, вели Ацески.
Оливер Андонов, експерт за мир и развој, оценува дека една работа е генералната битка на власта против опозицијата и обратно, а друго е кога таа битка ќе навлезе во сфера на лична дискредитација на поединци.
За случајот со Карпош, тој смета дека протестите пред општинското седиште, организирани од партијата што ја контролира централната власт, не се толку насочени кон СДСМ, колку што имаат цел да го дискредитираат градоначалникот од сдсмовските редови.
„Социјалдемократите не се толку јаки во Карпош, колку што е влијателен Јакимовски како градоначалник. Од ВМРО-ДПМНЕ веројатно процениле дека тој би можел да им ги загрози позициите, особено ако на следните избори се кандидира за градоначалник на Скопје“, објаснува Андонов. Според него, зачестените протести и контрапротести се нешто веќе видено. „Сме го гледале тој синдром во Србија. Сме виделе како власта протестира против опозицијата само за да докаже кој е поброен и помоќен. Но, на таков начин уште повеќе се заоструваат конфликтите во општеството и се продлабочува јазот меѓу граѓаните бидејќи политичките конфронтации се префрлаат на конкретни групи - земјоделци против тутунари, студенти против професори, стечајци против стечајци. Така не се решаваат проблемите, освен што се прикриваат други проблеми што во меѓувреме искрснуваат“, потенцира Андонов.
|