Данецот Петeр Соренсен наследник на Фуере
Данскиот дипломат Петер Соренсен (43) ќе биде нов амбасадор на Европската унија во Македонија на местото на актуелниот шеф на делегацијата, Ерван Фуере, соопшти кабинетот на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон.
Соренсен во март следната година ќе го замени Фуере, кој ја претставува ЕУ во Македонија од ноември 2005 година. Н��говиот мандат два пати беше продолжуван по шест месеци.
Петер Соренсен беше личен пратеник на поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, во Белград и шеф на канцеларија на ЕУ во Косово, а важи за добар познавач на регионот.
Новиот амбасадор на ЕУ, практично, ја поминал цела последна деценија работејќи со регионот и според неговата биографија, повеќе е безбедносен и политички профил отколку претставник на администрацијата на ЕК. Соренсен има 43 години, женет е и има две деца. (Н.Р.) |