Комплетиранa „Нобеловци“
Во НУБ „Св. Климент Охридски“ вчера беше промовирана едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“
Невена Поповска
Нови дваесет и еден наслов од предвидените сто и шест колку што содржи целокупната едиција „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, вчера беа промовирани в�� новиот дел од НУБ „Св. Климент Охридски“.
Премиерот Никола Груевски во своето обраќање го нарече потфатот „уште еден успешен проект на Владата, кој за сите денешни и идни генерации ќе остане сведок на едно време во кое силно се поддржуваат и највисоко се ценат вредностите и придобивките на македонската литература, но и на светската. Со последната промоција на преостанатите дваесет и еден наслов, денеска пред нас ги имаме сите 106 книги, кои се преведени од оригиналниот јазик на нашиот македонски јазик“, рече Груевски.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, укажа дека станува збор за капитален проект, кој претставува вистинска инвестиција во иднината на македонската литература, култура и држава воопшто. Таа подвлече дека преводот на овие дела покажал дека македонскиот литературен јазик има богата лексика и синтакса со кои можат да се изразат и најсуптилните човекови чувства и мисли.
За директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Миле Бошески, објавувањето на преводите е одраз и сведоштво за достигнатиот степен на развој на македонскиот литературен јазик, додека претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Раде Силјан, истакна дека овој голем издавачки зафат претставува исчекор во афирмирањето и приближувањето на високите естетски литературни вредности.
Реализирањето на проектот можеме да го означиме како триумф на македонската преведувачка дејност и на македонскиот јазик, рече Силјан.
Академик Влада Урошевиќ во своето обраќање се задржа на историјатот на доделување на Нобеловата награда и за него „оваа едиција ја покажува отвореноста на македонската култура кон светот, нејзината жед за нови сознанија што доаѓаат однадвор, нејзината подготвеност за комуникација и размена на вредностите како основи на секој раст и напредок.
Проектот „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“ почна во 2009 година, за таа цел се одвоени околу 32 милиона денари, а издавач на книгите е „Микена“ од Битола. |