Број 3383  четврток, 16 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Мислења

Mazedonischen Jugend

Петар Арсовски

Идентитетот на нацијата е позагрозен од нашиве маријачи отколку од спорот за името

Секоја тоталитарна власт се препознава по тоа што, меѓу другото, порано или подоцна влегува во проект на социјален инженеринг, односно се обидува ликот на нацијата и на општеството да го дизајнира, да го препише и да го преслика во одраз на сопствената замисла за тоа како треба да изгледа нивниот народ и државата. Еден од познатите примери е оној на „ариевските супердеца“, или Хитлер Југенд, низ кои тогашната Германија ја проектирала сопствената слика за замислената иднина на нивната раса.

Во сличен стил, иако со помал капацитет, нашиве маријачи се длабоко навлезени во проект за редефинирање, препишување на општеството во сопствен лик. Тие тој процес, како конквистадори, крајно агресивно, и притоа доста приземно, го форсираат врз сопствената нација, продавајќи го како извесна форма на патриотизам.

Првиот пример за овој процес се оние жални патриотски фискални сметки. Самиот термин е навредлив, односно укажува на тесноумноста и недемократичноста на проектот. Во основа, тоа е пропаганден обид да се натераат локалните потрошувачи преку една државна форма на мобинг, некритично да ги претпочитаат локалните производи пред можеби поздравата и поквалитетна странска стока. Особено зашто ваквите производи никако не се категоризирани по која било објективна основа, на пример, квалитет, локалн�� репроматеријали и слично - едноставно, власта на сила, вештачки, преку јавен притисок одлучила дека од утре сите ќе купуваме македонски производи. Во ова време на глобализација, тие наместо да ја подобрат конкурентноста на македонските фирми, со декрет го пропишуваат погодниот производ. Класичен пример за тоталитаристички метод на социјален инженеринг.

Вториот пример е уште пострашен зашто и покрај реакциите на јавноста и на Уставниот суд, до ден денес агресивно се одвива пред нашите очи. Власта упорно го работи проектот веронаука, и тоа сега преку промоција на заменетиот предмет, „Етика на религиите“, кој го форсира како приоритет во изборните предмети, односно го промовира како замена за кој било изборен предмет. По фијаското на проектот со декрет од сите ученици да направи верници, власта сега истиот проект упорно си го турка, но под ново руво. Да не навлегуваме во прашањето дали на религијата местото и' е во училиштата (зашто не и е!), самиот обид и начинот на кој проектот се имплементира се доказ на тезата дека маријачите се длабоко навлезени во поголем проект на редизајнирање на нацијата и на општеството, и тоа преку широки, наметнати зафати. Да не е таа маленкост Уставот, досега проектот ќе им поминеше.

Натаму, проектот „многудетност“, исто така, е класичен пример за обид за општествена интервенција на крајно тоталитарен начин, во стилот на засилено парење кокошки за живинарска фарма - небаре оние што немаат по три деца не ја исполнуваат нормата што ја пропишале маријачиве, па имајќи предвид дека на фармава и' е потребен природ, „живинариве“ одлучиле дека насила ќе пропагираат бројно потомство, без притоа око да им трепне за суптилноста на социјалните, економските или личните околности во кои таквиот проект се спроведува. Напротив, пристапот е многу јасен, во стилот: нема што ти сам да одлучуваш за тоа колку деца ќе имаш кога ние сме замислиле дека треба барем три. Уште да се понудат кој не може, да дојдат по дома да помогнат!

Четврти пример за агресивниот социјален инженеринг на кој не подлегнува власта се задолжителните систематски прегледи. Прво, секој може да биде болен и притоа има право да не биде по таа основа дискриминиран ниту во работата ниту во општеството, значи нема зошто да мора насила да се прегледува - таа одлука мора да биде лична. Ваквиот начин за „попишување на здравјето на населението“ е вовед во процес на „требење“ на национал-социјално двоење на „здравите“ од „болните“, безмалку со носење жолта лента на раката. Притоа во систематскиот преглед е задолжителна и психијатриска анализа, што го прави целиот проект уште пострашен, бидејќи претставува потенцијална основа за двоење на психолошки подобни и неподобни. Оправдувањето дека тоа се превентивни прегледи пред некој да се разболи, во основа се недоквакана мантра. Тоа е исто како полицијата превентивно на сите еднаш месечно да ни опне парафински ракавици зашто „некој може да пукал“. Да не се разбереме погрешно, не е проблемот систематскиот преглед, проблемот е неговата задолжителност. Јас немам проблем со заштитата на здравјето на работниците, на пример, преку воведување обврска за работодавецот барем еднаш годишно да им овозможи систематски прегледи на оние вработени што сакаат да се прегледаат, но исклучиво факултативно, а не насила. Едното е проект за подобрување на општото ниво на здравјето на населението, а другото е социјален инженеринг.

На крајот (иако има уште примери), најеклатантниот пример за обидот на локалниве маријачи да го препишат и да го редизајнираат ликот и идентитетот на нацијата се одразува во процесот на антиквизација, кој кулминира со онаа кардинална глупост – проектот „Скопје 2014“. Низ тој процес, од авион се гледа мотивот и идејата на конквистадорите - провинцијалци: да ја препишат историјата по свое, да го освојат урбаниот простор на градот со сопствена естетика, да му дадат нов лик на идентитетот на нацијата. Притоа ваквиот обид за освојување никако не е базиран врз реалноста, туку врз нивните сопствени илузии за подобниот изглед и идентитет на главниот град и тоа во вид на барокни катни гаражи, римски колонади, натопорени лавови и Аце на Букефал.

Во основа, ваквите проекти се мотивирани од длабоко врежаниот комплекс на лична и општествена инфериорност (за кој најчесто маријачите не се ни свесни), кој упатува на тоа дека власта интимно живее во грч дека постојниот идентитет на нацијата не е доволно добар, па има насушна потреба да го редефинира низ социјален инженеринг, национали��тичка пропаганда, ретроактивно фалсификувана историја и кич архитектура. Таквата искомплексирана психопатологија потоа за употребна вредност, нормално, добива појавна форма на патриотска агресивност. Овој длабоко врежан комплекс на идентитетска инфериорност е една од главните причини зошто немаме суштински капацитет да го решиме спорот со името: ние не сме доволно сигурни во сопствениот идентитет за да можеме да влеземе во зрел разговор за проблемот.

Најдобар доказ за овој факт се примерите погоре. Или си сигурен во сопствениот идентитет, па се трудиш да го зачуваш. Или си несигурен, па го ребрендираш, но никако двете - а маријачиве ем демек го чуваат за по надвор ем набрзина го препишуваат за по дома. Затоа со сигурност тврдам дека идентитетот на нацијата е позагрозен од маријачиве одошто од спорот за името.

(Авторот е магистер по политичка комуникологија)


#
Статијата е прочитана 1709 пати.

Испрати коментар

Од: citatel
Датум: 16.09.2010 12:26:35
mnogu realna analiza
Од: Mirko
Датум: 16.09.2010 12:26:47
Оправдувањето дека тоа се превентивни прегледи пред некој да се разболи, во основа се недоквакана мантра.- na kogo be ti mantra
Од: XXX
Датум: 16.09.2010 13:03:14
Čestopati zad nekoja rabota, navidum ednostavna i jasna, se krie nešto sosema drugo, duri i treto. Textot e odličen, aplauz za avtorot. Pozdrav.
Од: ilija
Датум: 16.09.2010 13:38:45
Svaka chast za analizata...ne znam shto drugo bi dodal.
Од: Stojko
Датум: 16.09.2010 18:35:06
Alal da ti e za tekstot, so mala zabeleska: Gi navreduvas vistinskite "marijaci" , ama od druga strana te razbiram, kako covek da gi narece "ovie"?
Од: ФЕЛИКС
Датум: 16.09.2010 18:55:53
Се согласувам околу дизајнирањето,оваа власт практицира барем досега непопустлив дизајн.Никако да го прифатат познатиот дизајн опозициски викан симултано-ползечки,или популарно кажано ,,чергиче за бришење нозе,,.Опозицискиот дизајн е во две бои спрема потребите.Кога се на власт еден дизајн,кога се во опозиција друг.Народот тоа го засака па така ги дизајнираше 4-ти пати.

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Не е се' во парите
ЕУ бара да ги спроведуваме законите
Данецот Петeр Соренсен наследник на Фуере
Најскапиот стан на светот
Сакаме и да живееме, а не само да преживуваме
Има ли кодоши во ДУИ?
Се бараат виновници, а нема херои
Фуере и' помага на Антикорупциска
Ќе замине ли Црвенковски од политиката по изборите?
Станарите се спасија од 300 евра глоба
Инвеститорите го повлекуваат капиталот
Карикатура
Груевски негира дека Грција ретерира
Комплетиранa „Нобеловци“
Стил