Дарко Башески е новиот директор на Филмски фонд
Фондот сега има и Управен одбор, прашање е колку работите кои чекаа со месеци ќе се средат за еден ден
Сунчица Уневска
Нов директор на Филмскиot фонд на Македонија е Дарко Башески. Тоа беше новиот предлог на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, кој прексиноќа помина на Влада. Откако претходниот конкурс беше поништен и беа одбиени двајцата кандидати, Дејан Илиев и Бранко Петровски, беше распишан нов конкурс. Рокот за пријавување нови кандидати заврши во вторникот, и прексиноќа по брза постапка, откако Фондот имаше застој цели три месеца, беше избран новиот директор. Така, по неколку месеци нефункционирање, сега Фондот, конечно, би требало да проработи. Пред еден месец беа избрани членовите на Управниот одбор и сега со изборот на директор, Фондот ги има сите услови за да почне ефективно да работи.
Иако почетокот ќе биде малку тежок, бидејќи поради се' што се случуваше и поради притисокот околу тоа кој ќе ја преземе оваа значајна функција, работите се доведоа во таков цајтнот што сега единствениот проблем е времето. Во текот на вчерашниот ден требаше да се заврши се' и новиот директор да ги одобри средствата за претходно избраните проекти ако не сакаа да им се случи парите од Фондот да се вратат во буџетот. Имено, според трезорскиот систем на работење, вчера беше последниот ден кога парите кои не се искористени во тековната година мора да се вратат во буџетот. Ако се случи тоа, тогаш повторно ќе дојде до одредено одложување за проектите кои чекаат да почнат со снимање, ќе се пренесат обврските за финансирање на проектите од оваа во наредната година и веќе во старт ќе се намали буџетот на Фондот предвиден за 2009 година.
Сосем е нејасно зошто се случи целата оваа ситуација и Фондот се доведе до состојба на застој, а македонската кинематографија до работ на колапс. Фондот само што почна ефективно да работи во изминатите десет месеци и наместо да се продолжи со истото темпо, по завршување на мандатот на претходниот директор, наеднаш настана мала војна околу тоа кој ќе застане на чело на Фондот, на кој според законот треба да премине целото филмско работење во земјава. Во текот на овие месеци на застој, од септември затоа што немаше Управен одбор, а од октомври и затоа што заврши мандатот на претходниот директор, беа пропуштени многу работи. Како прво, беше завршен само еден конкурс, а другите два беа распишани, но не можеше да се одобрат проекти. Освен тоа, претходно поддржаните проекти кои се во различни фази на реализација и кои примаат пари во фази споре�� новите принципи на работење, мораа да бидат одложени. Се доведе во прашање и стартот на снимањето на новите филмови на Марија Џиџева, Владимир Блажевски, како и омнибусот „Д'Скопје“, на кои работат 11 автори, кои токму изминатиот месец требаше да стартуваат.
На новиот конкурс се пријавија Дарко Башевски и Бранко Петровски, кој претходно беше одбиен, но сега конкурирал со нова програма. Но, министерката за култура се одлучи за Башевски, кој моментно е претставник на нашата земја во познатиот европски фонд „Еуроимаж“. Инаку, Башески, кој е филмски и телевизиски снимател, и во претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ беше директор, само тогаш на „Вардар филм“, место од кое беше сменет кога дојде до промена на власта.
Сега директорот е избран и тоа е добро, но мора да се каже дека оваа игра, која ја закочи целата работа околу македонскиот филм, навистина беше многу негативна и сосем непотребна. Постојано се надеваме дека некои детски болести одамна се прележани и разочарувачки е кога повторно се враќаме назад. Зголемувањето на апетитите и желбата да се има влијание во распределбата на колачот се јасни, но не би требало да успеваат на ваков начин да урнат се' што некој, тука мислејќи и на државата, се обидува да го изгради и доведе во ред. Неколку месеци во македонската кинематографија се' застана. Тоа е поразителен факт кој и покрај тоа што сега добивме директор, не треба да го заборавиме. Ако за ништо друго, за да не ни се повторуваат постојано истите работи.
|