Број 2873  сабота, 27 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Никола Ристановски премиерно во „Дервишот и смртта“ во Белград

Ристановски е првиот странец кому му е доделена главна улога во Народно позориште од Белград

Лилјана Митевска

Никола Ристановски вечерва во Народно позориште во Белград има премиера на „Дервишот и смртта“, култно дело на Меша Селимовиќ, во режија на Егон Савин.

„Дервишот и смртта“ е едно од најмаркантните дела било кога создадени на овие простори, дело особено по својот стил, јазикот, филозофијата на живот, психолошката анализа и техниката на обликување. Оваа длабоко психолошка драма - животопис на Ахмед Нурудин, кој на крајот на својот животен пат, во исчекување на смртта, го сведува својот животен баланс - нуди прецизна слика не само на збиднувањата во внатрешниот свет на главниот лик, туку и на животот во една заедница со цврсти норми, доловувајќи ги комплексните преплетувања и тензии на релација помеѓу поединецот и заедницата. Да се добие улогата на Ахмед Нурудин, без оглед на тешкотијата на градењето на ликот со оглед на фактот што речиси целокупното драмско дејствие се одвива низ внатрешен монолог, е вистинска чест за секој актер. Додаден куриозитет, кога станува збор за нашиот Никола Ристановски, е фактот што досега во Народно позориште во Белград никогаш во главна улога не настапувал странец. Ова делумно се објаснува и со тоа што овој ансамбл располага со извонреден, сопствен актерски кадар, но за прв пат да се добие главната улога во една ваква комплексна и култна драма, е несомнено огромен успех.

Одлуката да му ја додели оваа голема улога токму на Никола Ристановски, режисерот Егон Савин за белградска „Политика“ ја објаснува со зборовите: „Никола Ристановски е најточниот избор за тој лик. Не знам дали јазичната бариера ќе биде совладана во потполност, но тоа не ми беше најважно. Она што ми беше важно е неговиот сензибилитет, емотивност и темперамент. Никола Ристановски е единствен глумец".

Ова е четврта соработка на Ристановски со режисерот Савин во период од околу 12 години со кого работеше и во МНТ во Скопје на "Злосторство и казна" од Достоевски, во Сараево на истата претстава, понатаму во Црногорско народно позориште во Подгорица на "Никаде никого нема" од Едвард Бонд и сега во Белград.

Кога станува збор за ликот на Ахмед Нурудин, Никола Ристановски за „Утрински весник“ на почетокот на пробите изјави дека „со оглед на комплексноста не можеш ни нешто специјално да му се израдуваш“. А како што деновиве изјави за белградска "Политика", неговата дилема се одвивала и на релација: како да се игра еден толку голем лик за кој речиси сите знаат се'. „Најтешко е да се игра Шекспировиот Хамлет бидејќи сите знаат се' за Хамлет. Како да се игра нешто што сите го знаат? Се обидувам проблемот на ликот да не го приближувам кон себе, туку себеси да се приближам кон ликот. Беше важно да се запознаат дервишките редови, нивната филозофија, јазикот, карактерите, поднебјето... но, кога ќе собереш се', на крајот повторно остануваш сам. Тоа е само твој проблем. Сега се нарекувам себе си дервиш на театарскиот ред. Имав средба со самиот себе, малку се занимавав и со религијата и дојдов до сознание дека вистината е индивидуална и дека не станува збор за мистицизам туку станува збор за едноставни работи - за тоа дека Ахмед Нурудин размислува за животот, а Хасан го живее. И дека е тешко да се долови некој кој размислува за животот“.

Претставата „Дервишот и смртта“ ќе отвори палета прашања, но најмногу ќе се занимаваме со односот на поединецот и механизмот на власта. Ова беше најавата на Никола Ристановски на стартот од процесот на работа на оваа драма. Во овој контекст интересно е да се напомене дека режисерот Егон Савин го поместува дејствието од османлискиот период на феудална Босна во педесеттите години на минатиот век. Тоа се годините кога е уапсен и стрелан братот на авторот Меша Селимовиќ, Шехија, заради мебелот кој го земал од "запленетите непријателски имоти" со цел да го опреми својот стан кој во текот на војната бил потполно опљачкан. "Дејството го поместувам во оној тоталитаризам кој многу повеќе го допирал Меша Селимовиќ, а тоа е тоталитаризмот на младата југословенска држава. Положбата и позицијата на интелектуалците и скептичноста на човекот, тоа е она кое сите нас длабоко не засега", вели режисерот Савин за „Политика“.

Очигледно е дека „Дервишот и смртта“ е една остра и политички ангажирана претстава за моралната одговорност на било кој поединец, па и на дервишот, нешто што не може да се набљудува надвор од контекстот на одговорноста на една држава и власт.

Покрај Никола Ристановски, во „Дервишот и смртта“ играат и голем број реномирани српски актери, меѓу кои: Љубомир Бандовиќ, Марко Николиќ, Наташа Нинковиќ, Ненад Стојменовиќ, Борис Пинговиќ, Александар Ѓурица, Слободан Бептиќ, Танасије Узуновиќ, Миодраг Кривокапиќ, Небојша Кундачина, Зоран Ќосиќ, Дарко Томовиќ и Марко Јанкетиќ. Костимите за претставата ги има изработено Јелена Стокуќа, решението на сценскиот простор е дело на режисерот Савин, а музиката е на Зоран Христиќ.


Статијата е прочитана 325 пати.

Испрати коментар

Од: ana
Датум: 27.12.2008 06:24:50
neka mu e so sreka. bas e da se gordeeme, bashka shto e zgoden
Од: игор попов
Датум: 27.12.2008 08:09:41
Имав прилика да го гледам Ристановски во Хасанагиница со извонредниот Ансанбл на Битолскиот Театар во Истанбул пред три години. Драмата беше поставена во автентичниот Иламур Дворец во Стамбол, за време на Истанбулското театарско биенале.. Прв пат во животот почуствував вистина околу мене. Беше оригинално, емотивно до бескрај и незборавно откровение на сетивата и празник на душата. Никола Ристановски е сублимат на интелектуалниот непокор, егзистенцијалната дилема и судир на моралот и хедонизмот, духовна светлина и пророк со мисија, вткаено во телото и личноста на еден од нас, човек минувач, за кого и всушност постои светот. Една од причините за која не престанувам да верувам во подобро утре, покрај мојот еден единдтвен мил на татка син, Марко Паша, се луѓето како Никола Ристановски кој во интервјуто за Лајф Магазин, успеа да ја дефинира вистината во еден здив. Исклучителен актер и човек, гордост на нашата сегашност и пример за сите оние кои стремат да летаат....
Од: intelekt
Датум: 27.12.2008 10:22:05
nikola ti si genie!cestitame!samo napred!!!pokazi im na srbine sto e gluma,teatraska igra,kontakt so publika,aura..bravo!!!!!
Од: Ѓоко, 1969
Датум: 27.12.2008 13:30:49
Поубава вест не можевме да добиеме!Никола е олицетворение на чесност,искреност,талент,професионалност,интелект.......Ретките како него се силно светло во ова нашево „отепувачко“ сивило.Многу среќа за Никола и целиот ансамбл покрај него!
Од: Natasha
Датум: 27.12.2008 13:55:16
Ispoved: ne sum go gledala Nikola Ristanovski vo pretstava, no go vidov slucajno pri edna prosetka niz grad pred mnogu godini i od togas se plasam da odam na negova izvedba vo teatar oti kako pregolem pocituvac na ubaviot pisan zbor, teatarot i se povrzano so litaraturata se prasuvam kolku silno moze da bide toa, kolku poveke od ona sto go nosi covek na sebe, so sebe, vo sebe! Drzi se!!!
Од: Cvejic Velimir
Датум: 27.12.2008 15:25:07
Makedonija ima isklucitelno dobri glumci i reziseri. Ima i vo Srbija. No poznavjci gi site i jas bi se odlucil za noseckiot lik - Nuredin vo romanot "Dervis i smrtta" da go igra tokmu Nikola Ristanovski. Vo vremeto koga vo balkasnkite drzavi ludjeto vo vlasta gi vodi demonot, zaboravajcit na ljubov, barem vo teatar nekoj ludje ke imaat prigoda koga Nuredin vo zadnata noc kako carski covek na vlasta ke se pristeti koga ednas bil sreten:"Ne znam kakva je sad, ja je pamtim po ljepoti. I po izrazu patnje na licu kakvo nikad nisam vise vidio, niti sam mogao da ga zaboravim, jer sam tu patnju ja prozrokovao. Zbog te zene, jedine koje sam volio u zivotu, nisam se ozenio. Zbog nje, izgubljene, zbog nje, otete, postao sam tvrdji i zatvoreniji prema svakome:osecao sam se poharan, i nisam davao ni drugima sto nisam mogao dati njoj..."
Од: IGOR
Датум: 28.12.2008 01:06:26
-Faruk Begoli mi se cini ja igrase istata uloga,bese maestralen.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Собрани 148.000 денари од лицитација за ДСУ„Лазар Личеноски“
Презентација на резултати од археолошки истражувања
Дарко Башески е новиот директор на Филмски фонд
Доделени наградите на МЕСС за „Тапани во ноќта“
„Тритонус“ добитник на наградата на „Темплум“ за дебитантски ракопис