Една жена загина, а 12 се повредени во сообраќајка при враќање од свадба
ГОСТИВАР - Една жена загина, а 12 се повредени, од кои пет потешко, кога комбето со кое се превезувале излетало од патот и се превртело. Сообраќајката се случила завчера, околу 19,30 часот, на патот што ги поврзува гостиварски села Корито и Чегране.
Тринаесет жени од горнореканските села Горна Волковија, Рибница и Нистрово биле на свадба во Корито, кое се наоѓа во пазувите на планината Сува Гора. По завршувањето на свадбената веселба, жените се враќале назад со комбето „форд - транзит“ со кое дошле. На влезот во Чегране, 27-годишниот Х.Х. од Сенокос, кој го управувал комбето, изгубил контрола над возилото, излетал од патот и се превртел. Патничките во комбето се исплашиле, а некои се обиделе да скокнат и да се спасат.
Притоа, Џемиле Наими (41) од Горна Волковија, при скокањето од комбито се здобила со тешки повреди и починала на самото место. Пет други патнички се здобиле со тешки повреди и се префрлени по скопските клиники. Возачот на комбето и другите седум патнички поминале со полесни повреди.
Според првите сознанија на истрагата, се претпоставува дека причината за излетувањето бил дефект на сопирачките на комбето. (К.К.) |