Тодоровски бара Црвенковски да го аболира
Адвокатот на градоначалникот смета дека се исполнети сите услови за негово помилување
Љубиша Станковиќ
Градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, вчера требаше да ја напушти Клиниката за урологија, по оперативниот зафат на простатата, но до затворањето на весникот одлуката за тоа каде во иднина ќе се лекува не беше донесена. Иако не треба да се исклучи можноста таква одлука да се донесе во доцните попладневни часови, сепак, отворено останува прашањето каде ќе продолжи лекувањето што го препорачуваат лекарите од спомнатата Клиника.
Имено, во својот допис до судот петмина хирурзи и директорот на Клиниката за урологија препорачуваат домашна нега во траење од еден месец по испишувањето на пациентот од Клиниката, а се укажува и на тоа дека услови за лекување на Тодоровски не постојат ниту во Арестантското, ниту во истражниот затвор „Скопје“.
„И јас не ја знам одлуката што ќе прават со Тодоровски. Ако лекарите се на мислење дека тој не е ниту за во Арестантското одделение, ниту за во затворот ’Шутка’, тогаш не гледам друго решение освен судот да донесе одлука притворот да му биде заменет со домашен притвор“, ни изјави бранителот на обвинетиот градоначалник Кирил Тодоровски, адвокатот Љупчо Андоновски.
Бранителот е на мислење дека секоја одлука што ќе биде донесена, а е спротивна на она што го предлагаат лекарите, е погрешна одлука и може да има несогледливи последици за здравјето на Тодоровски. Андоновски уште еднаш го потврдува својот став дека не постои никаков ризик од бегство на градоначалникот, дотолку повеќе што станува збор за човек чие здравје е нарушено и за кого двапати беше нудена гаранција во неподвижен имот.
И додека Тодоровски чека да биде отпуштен од Клиниката за урологија и да биде упатен некаде, неговиот друг бранител - адвокатот Стеван Павлески поведе иницијатива за негово ослободување. Станува збор за иницијатива за аболиција којашто вчера ја испрати до Кабинетот на претседателот на државата, Бранко Црвенковски.
„Точно е дека иницирав една ваква постапка. Сметам дека, согласно со Законот за аболиција, се исполнети сите три услови под кои може да се даде помилување“, вели адвокатот Павлески.
Од она што можевме да дознаеме, Павлески како прилог го доставил обвинителниот акт и биографијата на обвинетиот, но и ставовите за прашањата: интересот на Република Македонија за помилување, односно овозможување праведно решавање на исконструиран случај со примената на таканаречените истражни мерки. Со аболицијата на Кирил Тодоровски на претседателот Црвенковски му се отвора можност да ги демантира сите приговори што беа упатени на негова адреса по ослободувањето на градоначалникот Зоран Заев, но и можност за арбитража. Со актот за помилување што го бара Павлески од претседателот се создава претпоставка за ставање на сите граѓани во иста положба, без оглед на национална, верска, расна, политичка или која било друга разлика.
Адвокатот Павлески го потсетува претседателот на фактот дека Тодоровски, заедно со веќе аболираниот Зоран Заев, важи за еден од најуспешните градоначалници во државава. Во поткрепа на ова тврдење Павлески појаснува дека Тодоровски на функцијата градоначалник дојде на непосредни избори и дека во наредните шест-седум месеци е единствениот вработен во Општина Аеродром, но дека токму во тој период тој самиот ќе ги изготви сите општински акти, ќе обезбеди објект за Општината и ќе вработи стручни и квалификувани лица. Во дописот до претседателот Црвенковски, адвокатот потсетува и на тешката здравствена состојба на Кирил Тодоровски, а укажува и на непостоење на кривичните дела за кои се товари, поткрепувајќи го тоа со донација што била уредно примена и заведена и со која треба да се изгради верски објект, а за што бил запознаен и поглаварот на Македонската православна црква. |