Гласилото на Институтот „Данте Алигери“ со нов лик
Весникот „Данте“, по подолга пауза, го обновува своето излегување и нуди специјален прилог посветен на Борис Петковски
Невена Поповска
По подолга пауза од неколку години, весникот „Данте“, гласило на Институтот „Данте Алигиери“ во Скопје, го обновува своето излегување, во ново руво и со нова редакција.
Според Анасатазија Ѓурчинова, главен уредник на весникот, „покрај вообичаеното претставување на активностите на Институтот, весникот ќе ги следи и италијанските книжевни награди, новостите од филмот и театарот, преводите од италијански писатели, ќе ги одбележува годишнините од раѓањето на познати личности и настани од италијанската култура, а во секој број ќе донесува и по еден монографски прилог посветен на некој значаен лик или тема поврзани со италијанската и со македонската култура. Од овој број, потенцира Ѓурчинова, одлучивме да го печатиме весникот двојазично: на италијански и на македонски јазик, верувајќи дека така ќе може подобро да комуницира помеѓу двете култури, како и да го задоволи постојано присутното љубопитство кај нас за уметноста, книжевноста и културата на Италија, дури и кај оние читатели кои сеуште не го познаваат италијанскиот јазик“.
Во овој број, „Данте“ ги претставува новите курсеви по италијански јазик и испитите за меѓународно признатиот сертификат „Плида“, ги одбележува годишнините на раѓањето или смртта на: Чезаре Павезе, Андреа Паладио, Џорџо де Кирико, како разговор со Паоло Џордано, добитник на најпрестижната италијанска книжевна награда „Стрега“, која се доделува за најдобар роман на годината.
Во овој број од весникот „Данте“ е поместен и специјален прилог посветен на Борис Петковски, познат македонски историчар на уметноста, универзитетски професор и прв претседател на Италијанскиот културен центар во Македонија. Прилогот е приреден од Џовани Грило, кој во периодот од 1995 до 2005 година беше одговорен на секторот за култура и конзуларни работи при Италијанската амбасада во Скопје и донесува текстови посветени на проф. Петковски напишани од негови пријатели, колеги и соработници: Емил Алексиев, Захаринка Алексоса-Бачева, Коста Балабанов, Александар Басин, Винченцо Бјанки, Ладислав Цветковски, Татјана Филиповска, Силвано Галон, Кокан Грчев, Милан Ѓурчинов, Рита Грило, Наум Китановски, Виктор Лилчиќ, Влада Урошевиќ, Викторија Васева Димеска и Борис Вишински.
Во предговорот, приредувачот на прилогот Џовани Грило меѓу другото истакнува: „Размислувањата, посветите, речениците и спомените испишани со неизбришлив начин во овој Меморијал, испорачуваат една заедничка црвена нишка, која ја карактеризира големата почит и уважување на сите нас кон она што беше, што е и што ќе биде, во нашите спомени, ликот на Борис Петковски, правејќи го да биде секогаш жив и високо актуелен, денес и во иднина. Но, секој, кој ја имал таа среќа да го запознае, знае дека секој збор, секоја испишана реченица, секој пасус е искрен и присен, дека е чесен и искрен спомен, посветен на незаборавниот професор Борис Петковски...е негова слика...Безбројни се моите сеќавања, продолжува Грило, за Борис Петковски. Тој речиси секој ден навраќаше во мојата канцеларија во Амбасадата и доколку не би се сретнале лично, се слушавме телефонски за да поразговараме за некаков проект. Со едноставна спонтаност тој секогаш го посветуваше своето внимание или даваше свој придонес за некоја културна активност на која работев, покажувајќи се секогаш предан и пресретлив во давањето на својата поддршка, дури и во форма на едноставни, но ефикасни совети, зачувувајќи го секогаш, како централен и витален факт, духот на секоја културна активност. Веднаш по неговото заминување од овој свет ја почувствував потребата да остварам нешто во негов спомен и со тоа да му оддадам почит. Знам дека ова не е доволно да се раскаже, да се спомене, да се уважи и осведочи се' што беше професорот Борис Петковски, но убеден сум дека ова е минимумот што сите ние му го должевме“, завршува Грило.
Ладислав Цветковски е уметнички директор на изданието и според него „огромно е задоволството да се работи се еден ваков тим и особено кога постои предизвик наречен македонско-италијанска култура“.
|