Одлична посетеност на „Браќа Манаки“
Наградите на „Сценаристичко катче“ ги добија Моника Стан и Саша Дамјановски
Сунчица Уневска
БИТОЛА - Фестивалот „Браќа Манаки“ влезе во својата завршница. Наградите „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена камера 300“ ќе се доделат вечерва, на затворањето на фестивалот, чиј крај ќе го одбележи филмот на Вуди Ален „Ќе сретнеш висок црн странец“, кој се прикажува во чест на добитникот на наградата за животно дело, Вилмош Жигмонд. Овој американски директор на фотографија со унгарско потекло го предводи и годинешното шестчлено жири, кое ќе одлучи кои од 12-те филма во конкуренција ќе станат годинешните лауреати.
Триесет и првото издание на фестивалот годинава поминува во права фестивалска атмосфера. Бидејќи, покрај богатата програма и евидентното подигнување на нивото на „Браќа Манаки“, она што е најважно, е дека има публика. Фестивалската атмосфера се чувствува и на фестивалските места, но и надвор од нив. Мора да кажеме дека и битолските медиуми одлично го покриваат фестивалот, потсетувајќи ја публиката секојдневно за програмата и за се' што се случува на фестивалот.
На секојдневните прес-конференции беа претставени израелскиот директор на фотографија на филмот „Либан“, Гора Беах, кој предизвика огромно интересирање, потоа Мартин Гшлахт, директор на фотографија од Австрија, кој дојде со исклучителната иранска приказна „Жени без мажи“ на сестраната уметничка Ширин Нешат, како и Барис Озбичер, директор на фотографија од Турција, кој стои зад камерата на берлинскиот лауреат „Мед“.
Во Битола беше и режисерот Игор Штерк и неговиот филм „9:06“, кој беше вклучен во програмата „Нови визии“. Овој словенечки филм, кој ја третира темата на самоубиства, предизвика внимание и првпат ја натера публиката да остане по проекцијата и да разговара со режисерот. На „Браќа Манаки“ беше претставен и големиот фински режисер Јорн Донер, чиј фасцинантен филм „Испитување“ беше вклучен, исто така, во програмата „Нови визии“. Јорн Донер во скандинавските земји е познат и како писател, а како продуцент има соработувано со големиот шведски автор Ингмар Бергман. За култниот филм „Фани и Александер“ тие го освоија „Оскарот“ за странски филм, кој наедно преку Донер беше и првиот „Оскар“ во оваа категорија за Финска.
Во Документарната програма немаше многу гости, но затоа имаше одлични филмови, од кои портретот за Милош Форман и остварувањето „Видеократија“, кое се осврнува на контроверзиите околу Берлускони, привлекоа големо внимание.
Годинава фестивалот го одбележа и доста големо присуство на македонски филмови и нивните автори. Покрај „Мајки“ и големата македонска екипа предводена од Милчо Манчевски, која се претстави на отворањето, во програмата беа вклучени и филмот на Марија Џиџева „Македонска приказна“, кој е дел од омнибусот „Некои други приказни“, како и филмот „Војната заврши“ на Митко Панов. Но, како што ништо никогаш не може да помине без одредени контроверзии, така и годинава, но, за жал, врзани токму за македонските автори.
Така, Митко Панов и продуцентот Мони Дамевски не беа задоволни од третманот на нивниот филм, кој со македонски пари ја раскажува приказната и фолклорот на Албанците на Косово (што, секако, немаше врска со третманот, туку со мислењето на авторот на овие редови). И не само тоа. Доделувањето големи финансиски средства од страна на Владата на филмовите на Дарко Митревски и на Столе Попов предизвика реакција кај Милчо Манчевски, кој покрај за последните два филма, големи средства доби и за барем три спота од кампањата „Македонија вечна“. Па сепак, доделувањето средства на другите автори беше проследено со неговиот коментар, дека се надева дека македонскиот филм ќе процвета, а исто така тоа го натера и да ни каже дека средствата што Владата со овој потег ги одобрила се поголеми од средствата што се дадени за сите негови филмови. И дека за секој денар што е даден за неговите филмови во земјава се вратени пет.
Ексклузивната гостинка Дерил Хана предизвика толку големо интересирање, што иако филмот „Убиј го Бил 2“ сите го имаа видено, сепак, салата во Домот на културата беше преполна. Полн погодок беше и концертот со Македонската Филхармонија „Слушајте филм“, кој беше проследен со овации и одушевување.
По барање на студентите, вчера се одржа уште една средба со годинешниот лауреат Вилмош Жигмонд. А денеска треба да се одржи и разговорот со годинешниот добитник на Специјална „Златна камера 300“, Роџер Прат, во чија чест ќе го видиме филмот „12 мајмуни“ на Тери Гилијам. И уште да кажеме дека прексиноќа беа доделени првите награди, и тоа оние во рамки на проектот „Сценаристичко катче“. Првата награда ја освои Романката Моника Стан и нејзиниот филм „Илеана“, додека втората награда му припадна на Саша Дамјановски и неговиот нов проект „Хаос“ (или „Калабалак“). |