Палермо ја прекина серијата на Рома
По седумте меча без пораз во Серија А „волчицата“ заслужено загуби на Сицилија со 3:1
Фудбалерите на Палермо ставија крај на низата позитивни резултати на Рома во италијанското првенство. По седумте меча без пораз „волчицата“ остана со празни раце во викенд гостувањето на Сицилија. Палермо заслужено ја совлада со 3:1 и ја мина на табелата во Серија А.
Во рамноправниот вовед во натпреварот подобро се снајдоа домашните кои по 20 минути обезбедија предност. Иличиќ го најде капитенот Миколи чиј удар Риисе не успеа да го блокира, а Жилио Сержо да го одбрани. Римјаните создадоа неколку прилики за гол, најзрелата ја имаше Тоти, но израмнување немаше. Во второто полувреме повторно Иличиќ стапи на сцена, само што овојпат во улога на стрелец, во 60 минута Словенецот зголеми на 2:0, момент по кој се чини следуваше и клучниот. Раниери одлучи да фрли се на една карта, го засили нападот на сметка на средниот ред (го испрати на тревникот Баптиста, го повлече Пизаро) и веднаш дојде и третиот гол. Контра повлече Бово, во мат-акцијата за гостите учествуваше и Пасторе, а најслаткиот дел од работата му припадна на Антонио Ночерино за 3:0 за Палермо. Почесниот гол за Рома беше дело на Тоти во втората минута од судиското продолжение.
Интер ја совлада Парма со 5:2, но меѓу стрелците за „нероазурите“ не беше и нашиот Горан Пандев кој никако да го симне малерот и да го прекине голгетерскиот пост во Серија А. На „Меаца“ поведоа „млекарите“ преку Креспо меѓутоа во периодот од 18 до 23 минута следуваа два гола на Станковиќ и еден на Камбијасо за водство на Интер со 3:1. До паузата Креспо по вторпат ја погоди мрежата на Кастелаци за 3:2 и враќање на неизвесноста, но работата во продолжението ја довршија Мота и уште еднаш Станковиќ.
Дури три од петте натпревари во попладневниот неделен термин завршија без победник. Лацио и Катанија одиграа 1:1, како и Бари со Чезена, додека голови немаше во Бреша која го пречека Џенова.
Милан останува лидер во калчолигата со 30 бода, следен од Лацио кој сега има 27 и Јувентус (24), Наполи (24) и Интер (23) од третата до петтата позиција.
Серија А, 14. коло
Резултати: Палермо - Рома 3:1, Лацио - Катанија 1:1, Бари - Чезена 1:1, Бреша - Џенова 0:0, Удинезе - Наполи 3:1, Калјари - Лече 3:2, Интер - Парма 5:2, Сампдорија - Милан 1:1, Јувентус - Фиорентина 1:1. Мечот меѓу Болоња и Киево беше одложен.
Табела: Милан 30, Лацио 27, Јувентус 24, Наполи 24, Интер 23, Палермо 23, Рома 22, Сампдорија 20, Удинезе 20, Киево 19 (-1), Катанија 18, Џенова 18, Калјари 17, Фиорентина 16, Парма 15, Болоња 14 (-1), Бреша 12, Чезена 12, Лече 12, Бари 10. |