Продолжува фуриозниот поход на Тотенхем
Со голот во судиското продолжение Арон Ленон го урна Ливерпул, за трета победа
Со голот на Арон Ленон во втората минута од судиското продолжение Тотенхем на „Ватј Харт Лејн“ го совлада Ливерпул со 2:1, во колото во кое за прв пат во историјата сите екипи дадоа барем по еден гол.
Без разлика на доцниот погодок домаќините заслужија победа. Доминираа на теренот, имаа поголем број шанси, на крајот на краиштата и неискористен пенал (Дефо шутираше дилетантски) при водство на Ливерпул до 1:0.
Но, ниту тоа не ги поколеба играчите на Хари Реднап, кои во вторите 45 минути успеаја да го надокнадат резултатскиот минус, остварувајќи ја третата победа во Премиерлигата едноподруго. Како што вели еден од најдобрите на теренот Лука Модриќ, ако Тотенхем ја поправи играта во гости не е невозможно да се бори и за титулата.
Инаку, Ливерпул поведе со голот на Шкртел во 42 минута минута. Словачкиот дефанзивец на Ливерпул во 65 минута си постигна и автогол за 1:1. Несреќно го погоди топката, која Модриќ сакаше да ја упати до Крауч.
„Арон Ленон ни донесе вредни три бода. Воодушевен сум од нашата претстава, а најмногу од фактот што се вративме во мечот. Овој тим докажува дека никогаш не се откажува. Порано во кариерата имам гледано тимови што по резултатско заостанување „заминуваат дома“, но Тотенхем, дефинитивно, не е тоа“, изјави по мечот тренерот Реднап и додаде: „Ливерпул ја одигра својата улога во овој натпревар. Беа опасни, а потоа имаа одлична шанса преку Родригез да ја зголемат предноста. Мислам дека ова беше фантастичен меч. За тоа се заслужни двата тима“, смета Хоџсон, кој е загрижен поради повредата на Ван дер Варт. Холанѓанецот ја напушти играта во 12. минута.
„Рафаел почувствува дека нешто му пукна во подрачјето на задната ложа. Клубот стравува дека може да отсуствува еден месец. Мислам дека ова му се случува, бидејќи ја пропушти предсезоната и затоа што не се наигра баш на Светското првенство. Кога телесната подготвеност е помала тогаш шансите за повреди се поголеми“, потенцира Реднап, кој го мачи и изведувањето на пеналите.
„Дефо ги изведува на тренинзите и секогаш погодува. Бев убеден дека така ќе биде и сега и не ми пречеше што ја зеде топката, иако во јануари го скинав од должноста. Бејл минатата недела промаши пенал, а Крауч и Ленон не ми се најсигурни. Каде да најдам изведувач на пенали? Можеби е подобро судијата веднаш да свирне гол-аут наместо да покаже на белата точка, кога ние сме во прашање“, се шегува Реднап.
Во првиот неделен меч Њукасл и Челзи одиграа 1:1. Прв во водство дојде Њукасл со голот на Керол во 61. минута, а израмни Калу во 45. минута.
Табела: Манчестер Ј. 31, Челзи 29, Арсенал 29, Манчестер Сити 26, Тотенхем 25, Болтон 23, Сандерленд 20.... |