Пелистер се распаѓа
Советот на Битола сака финансиски да му помогне на клубот
Фудбалерите на Пелистер одамна не биле во така тешка положба како есенва. Без претседател, раководство на клубот, без плати, премии често и без услови за тренинг се наоѓаат на последното место на табелата и практично веќе се со едната нога во Втората лига. На 16 одиграни натпревари забележаа само две победи и две нерешени игри и сегашните осум бодови не им гарантираат опстанок во Првата лига.
Во клубот владее вистински хаос, актуелниот претседател Ванчо Атанасов со месеци го нема во Битола, попусти беа сите обиди на директорот на клубот Ванчо Мицевски да стапи со него, но тој упорно молчи и не се јавува ниту пак има обезбедено средства за плати, за премии на играчите и да не говориме.
Поради неисплатени долгови кон поранешниот тренер Наумче Јанчевски, сегашниот тренер Неџат Хусеин е принуден екипата да ја води од трибините, наместо да седи долу на клупата. Разочарани од ситуацијата во клубот, играчите на Пелистер како да загубија волја да играат, играат колку да заврши есенското првенство а потоа да видат што ќе биде со нив.
Делегација на фудбалери беше и кај градоначалникот на Битола, Владимир Талевски барајќи било каква помош од него, добија ветувања дека градот финансиски ќе го помогне клубот, но таа помош ќе биде еднократна.
-Верувам дека градоначалникот има добри намери да му помогне на Пелистер, но за таа финансиска помош треба да одлучи Советот на општината и како што рече градоначалникот таа ќе биде еднократна, практично играчите најверојатно ќе добијат по една плата. Но, и тоа е под знак прашалник, се' зависи од расположението на советниците.
Во секој случај нешто навистина мора да се направи, Пелистер не заслужува да биде на маргините на спортот во Битола. Се очекува дека во најскоро време ќе биде свикано вонредно собрание на клубот на кое треба да се избере нов претседател и ново раководство, но се поставува прашањето кој ќе го свика и организира тоа собрание. Веќе напишавме дека сегашниот претседател Ванчо Атанасов со месеци не дошол во Битола, неговиот мобилен телефон е нем за сите што го бараат и како што рече директорот на клубот Ванчо Мицевски повеќе и не мисли да го бара бидејќи сето тоа е залудно.
Јас сум практично само фиктивен директор, беа зборовите на Мицевски. Немам никаков увид во финансиите во клубот, се грижам единствено за технички работи, да се организираат натпревари, да најдеме автобус со многу молења од претпријатијата да отпатуваме на натпреварите и одвај чекам да се одржи вонредно собрание и да кренам раце од се, бидејќи вака навистина не може. Пелистер не заслужува да биде во ваква тешка ситуација бидејќи, сепак, тој беше гордоста на битолчаните. (М.М.) |