Ќе се формира естрадно здружение „Илинден“
Во круговите на фолк-естрадата, неодамна е промовирана иницијативата за основање ново еснафско здружение, кое тргнува со амбиција за заштита на социјалните, економските, уметничките и авторските права на авторите, инструменталните изведувачи, пејачите и на сите оние што посакуваат да го стават во некаква правна рамка своето дејствување на естрадата. Носители на оваа иницијатива се Ангеле Ниневски, бизнисмен и горлив вљубеник во македонската музика, и Орце Гелевски, долгогодишен музички новинар. Веќе се работи на дефинирање на статутот на здружението, чие основачко собрание е планирано да се одржи во текот на средината на јуни. Засега сигурно се знае дека името на здружението ќе биде „Илинден“, а предвидено е во негови рамки да дејствуваат три правни субјекти: менаџерска агенција, народно радио и фестивал. Сите овие субјекти ќе се именуваат со истото име „Илинден“. Според зборовите на носителот на иницијативата, Ангеле Ниневски, потребата од формирање вакво здружение веќе подолго време се наметнува од нерегулираните односи во законска смисла, од однос на правата на сите оние што работат, пред се', во сферата на фолк-музиката, иако ниту во забавната музика состојбата не е многу подобра. Затоа, иако иницијативата за почеток е апел за здружување на музичарите од сферата на фолкот, ова здружение ќе биде отворено за соработка и придружување на сите што се занимаваат со каква било естрадна дејност.
Како аргумент за сериозноста на идејата, иницијаторите ги претставија и подготовките за опремување на радиостаница и музичко студио, кои би требало да започнат со работа најдоцна за една година. (Ј.П.) |