ЖЕЉКО ЈОКСИМОВИЌ
„Љубави“ ќе ечи во „Борис Трајковски“
„Многу ми годеше и иако сум навикнат на аплаузи, овој овде навистина ми значеше“, рече победникот на Песна на Балканот, Жељко Јоксимовиќ, откако во вторникот присутните на прес-конференцијата во хотелот „Александар палас“ го дочекаа со аплауз. Српскиот пејач допатува директно од Софија каде што со темата „Љубави“ ја освои балканската публика, а во Скопје дојде да ја загрее атмосферата пред солистичкиот концерт што ќе се одржи на 1 јуни во салата „Борис Трајковски“, во организација на ТА „Гуливер милс“.
„Концертот ќе биде фантастичен. Чест ми е што ќе настапам во олку голема сала, а прелиминарно можам да кажам дека ќе трае малку подолго од вообичаеното и ќе изобилува со музички иновации. Ќе има многу изненадувања, а како гостинка ќе настапи Јелена Томашевиќ“, објасни Јоксимовиќ.
Српскиот пејач изјави дека по техничкиот проблем за време на настапот на Песна на Балканот, повеќе нема да му падне на памет да пее на плејбек. Видно расположен за разговор, меѓу другото, информираше и дека направил ремикс, балканска верзија на евровизиската песна на Азербејџан и дека, во принцип, нема многу време за да компонира за други изведувачи. Јоксимовиќ најави и издавање мини-носач на звук, што го нарече додаток на кој ќе се најдат неколку нови песни, а истовремено изрази желба и за работа на некој филм со висока продукција. (К.Ш.) |