ЕДИТОРИЈАЛ
Пострамковна Македонија
Гордана Дувњак
Пред точно десет години на денешен ден, четворицата лидери на највлијателните македонски политички партии, како и тогашниот шеф на државата, со својот потпис под Рамковниот договор, ја гарантираа иднината на земјата.
Политичките актери, кои што на брегот на Охридското езеро пред една декада, ја пишуваа новата пострамковна историја на државата, а денес го слават, овој мал по години, но значаен јубилеј, се речиси исти. Но, во далеку помал број. За жал, претседателот Борис Трајковски и лидерот на ПДП Имер Имери не се повеќе меѓу живите. Меѓу оние што ќе ја подигнат чашата шампањ по здравицата, нема да бидат ни поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски и почесниот лидер на ДПА, Арбен Џафери. Премиерот во чие владеење се случи воениот конфликт веќе се изјасни дека нема намера да го прекине годишниот одмор, а надвор од државата е и некогашниот влијателен лидер на Албанците, чија партија и онака го негира овој документ како „мртво слово на хартија“.
Од сериозно раситнетата прва постава, друштво на лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и на поранешните и сегашни високи дипломати на ЕУ и САД, „олеснувачи“ и експерти, ќе им прави само шефот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски. И неговото присуство е строго редуцирано, па и тој ќе присуствува само на вечерашниот прием, што го организира Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
На првиот ден од прославата меѓу бројната политичка елита од земјавата и од странство е забележано и отсуството на актуелниот премиер, Никола Груевски. Тој вчера почесното место им го препушти на претседателот на државата, Ѓорге Иванов и на вицепремиерот Муса Џафери, а денес на новиот шеф на македонската дипломатија, Никола Попоски. Ако дојде. Тоа во голема мерка го покажува и односот на македонската политичка елита кон Охридскиот договор.
Фален и оспоруван, Рамковниот договор и по десет години, предизвикува поделени чувства кај политичките чинители во државата. Помалку горчив вкус во устата на политичарите од македонскиот блок и чувство на гордост и славољубие, кај припадниците на ДУИ. Партијата наследник на паравоената ОНА, токму потпишувањето на овој мировен договор од нужда, го калкулира како свој голем политички бенифит.
Рака на срце, мора да се признае дека и покрај бројните критики што се упатуваа(т) на сметка на Охридскиот договор, тој го положи тестот на времето. Успеа да го зачува мирот, и покрај тоа што тој и по толку поминати години се' уште е кревок, а меѓуетничките односи се ранливи. Експертите веќе пресметаа дека Рамковниот договор е речиси целосно имплементиран. Но, охридската рамка, се покажа прилично лабава и растеглива, па остана нејасно дали во пресметаните 130 закони, влезе и затварањето на четирите хашки случаи со помош на автентичното толкување на Законот за амнестија.
Продолжува и трескавичната трка за пополнување на 25 отсто вработувања по принципот на правична застапеност, иако на многумина им е повеќе од јасно дека добар дел од тие кадри, не ги исполнуваат потребните квалификации. Некои седат дома, а земаат плата, бидејќи не може да им се најде место на сите нив во државната администрација. И натаму останува најпроблематичен делот кој се однесува на градење на довербата, бидејќи бариерите од поделените светови не се подигнати.
Но, не смее да се заборави дека реалниот живот постои и надвор од „рамковната диоптрија“, во која постојат бројни нерешени прашања и проблеми, кои ги засегаат сите граѓани без оглед на која заедница припаѓаат. А, проблемите се да се решаваат, а не да се користат за партиски цели. |