Саботни муабети
Не грижете се! ќе ви попаднат лисјата скраја да е!
Огнен Јанески
Пред „1001 ноќ” во далечната „Индија”, во„Долина на волците”,„Кога лисјата паѓаат” се слушаше „Плачот на виолината” и таму во„Имотот на дамата” беше заробена робинката „Бандини” која рече „Збогум засекогаш” на „Љубовта и омразата”, но, дојдоа „Малечката невеста” и „Ѓумуш” и ја ослободија и таа им рече да бидат внимателни бидејки, секогаш постои „Горка љубов”. Па, така заедно сите почнаа да ронат „Солзи на есента”, поради младата „Бунтовничка” што го напушти овој крај.
Дефинитивно, кој и да го составил - БРАВО! Македончето својата креативност ја насочи кон сериите. Сега сите можеме да сме среќни, оти сме зачетници на „сапунела креативност”! Се разбира, поради создавањето непобитен факт дека сме креативна нација, која изобилува со бистар ум (како секој креативец) и сме насочени кон нешта што и' носат добро на нашата република. БРАВО!
Темава ми е толку излитена, пуста, никаква - што просто не можев ни да се замислам дека ќе седнам да пишува�� за вакво нешто, но, ете, како и правилото „никогаш не вели никогаш!”, седнав да пишувам (ова многу ме асоцира на народнана „Легнав да си поспијам”), инспириран од случајот А1 од кој на сите ви е преку Тасета (освен на оние на кои вистина не им е), од случајот Чаусидис. Од случајот Драматург, од случајот распуштени Управни Одбори, од „пациентон” од Македонски Брод од ЕБР што од „чиста мира” си скрши пепелник од глава и си нанесе расеченици, а притоа пола градче го има претепано во изминатите две години, додека неговиот случај е на разгледување - но, очигледно туристичко! Има уште, но сепак, да не губиме редови. Дај Боже да не постоеја вакви случаи, па да си пишував хроники за „Патооо, масовно на цело село!”.
Добро луѓе! Се чуФстФуФам како неписмен, кога околу мене се разговара за ТВ САПУНЕЛА, а јас тој јазик не го зборувам уште од времето на Касандра (да не се лажеме - сите ја следевме).
А1 ја нема, синдикална лидерка избркаа од работа, специјалците дивеат, а народот е загрижен каде ќе доиспопаднат „Лисјата...“ (а таман се израдував дека ги пресекоа). Потоа „ги заболе“ дали ќе биде „Ексклузив“ на Канал 5 или на Сител, а се прашуваат и каде би виеле „... Волците“.
А екипите? А луѓето без работа? Знам дека има еден куп без работа низ државава, или како што се милува да се пишува дека имаме „армија невработени” (а тоа е се', само армија не!) и дека не се само тие од А1, но, искрено, ако продолжиме вака, не знам за кого попрво ќе треба да се жали и да се завива во „земјава Данска”, каде нешто е гнило со сигурност.
Земја без медиуми во денешно време (ова ќе го објаснам во „сапунела речник”) е како дрво без лисја. Зашто, лисјата се тие што први ја примаат информацијата дека Сонцето изгреало, па ја пренесуваат истата до останатите органи. Секако, опозицијата и власта во еко-системот на дрвото се облаците и Сонцето. Не се може ни без едното - ни без другото. Но, затоа може да настанат суши, каде што дрвјата умираат, освен ако не се кактуси (а такви боцкала кај нас нема). Но, може да настанат и поројни дождови, па да им скапат корените. Едното е апла видливо - другото е суптилно, кроце по кроце. А каде сме ние? Ние сме гранките и корените- она што ги држи и создава лисјата. Ако лисјата ги нема, тогаш Сонцето поради големата сјајност, ќе ги заслепува гранките, па нема да можат да видат што се случува, или пак, дождот од облаците директно ќе паѓа врз нив и ќе ги скапува. Значи медиумите не се никнати сами од себе и новинарите не се посебна категорија граѓани. Едноставно - тие се катализатор меѓу општеството и власта.
Затоа не можам да сфатам, дали во оваа држава еден мал број граѓани е гетоизиран, па истиот се занимава со мислата, што се случува во оваа држава, каде што гаснат новинарски кадри, па и цели медиуми? А другите, пак, се занимаваат со мислата: „Каде ќе ги гледам сега „Лисјата...”, за да си се утешам дека не ми е само мене тешко!?”
Баш тоа ме загрижува. Наместо човек да излезе и да се бори за животот, го прифаќа конформизмот што медиумите му го нудат, за да можат преку тоа и преку него да заработуваат.
Патем, дали Али Риза конечно дозна дека сам на себе си е мајка? |