Технологија
„Самсунг“ доби судска забрана да продава „Галакси таб“ 10.1 во ЕУ

Судијата, кој пресудил во полза на „Епл“, се согласил дека таблетот „Галакси таб“ на „Самсунг“ нарушува повеќе од еден патент на Американците и копирал елементи на „ајпад 2“
Никола Бурагев
ИКорејскиот концерн за корисничка електроника „Самсунг“ нема право да го продава својот таблет „Галакси Таб“ 10.1 во Европската унија, објави „Ројтерс“.
Ваква одлука донел судот во германскиот град Дизелдорф. Забраната била донесена на реагирање на американската компанија „Епл“, поточно за нејзиниот производ „ајпад“, поради нарушавање на правата за интелектуална сопственост. Забраната важи за територијата на цела ЕУ, со исклучок на Холандија, а во содејство е со паневропското право. Засега останува нејасно зошто Холандија е исклучена од забраната. Судијата, кој пресудил во полза на „Епл“, се согласил дека таблетот „Галакси Таб“ на „Самсунг“ нарушува повеќе од еден патент на Американците и копирал елементи на „ајпад“ 2.
Корејската ��омпанија веќе поднела жалба на одлуката на германскиот суд, но додека се чека новото решение (околу четири недели), „Самсунг“ ќе треба да ја запре продажбата на својот производ и ќе претрпи огромни загуби. Азискиот концерн сакаше со лансирањето на „Галакси“ да ја запре доминацијата на „ајпад“ и на „Епл“ во светот. Новиот модел на „Галакси“ 10.1 неодамна беше претставен во Европа.
Инаку, „Епл“ и „Самсунг“ веќе со години се обвинуваат меѓусебно за нарушување на правата за интелектуална сопственост за патентирани производи. Пред околу една недела, по слична судска одлука, „Самсунг“ требаше да ја запре продажбата на „Галакси“ и во Австралија.
Пред еден месец „Епл“ поднесе жалба до Меѓународната трговска комисија во САД, за забрана на продажба на неколку производи на „Самсунг“. Минатата недела оваа комисија почна истрага за таблет уредите и за смартфоните на азискиот производител. Преку Меѓународната трговска комисија, компанијата од Калифорнија сака да издејствува забрана за повеќе важни производи на „Самсунг“ во САД.
Спорот меѓу двете компании ескалира во април годинава, кога „Епл“ поведе процес против „Самсунг“ во судот во Сан Хозе, тврдејќи дека јужнокорејскиот концерн го копирал дизајнот на нивните мобилни телефони. Азискиот производител одговори со слични чекори, но пред различни судови во различни американски држави. Ситуацијата се усложнува уште повеќе поради тоа што „Самсунг“ е меѓу најважните доставувачи на „Епл“ и произведува чипови, кои американската компанија ги вградува во многу свои производи. Минатата година Американците порачале делови од „Самсунг“ во вредност од 5,7 милијарди долари и со тоа станале најголем клиент на јужнокорејскиот концерн.
Во првата половина од годинава „Епл“ успеал во светот да продаде 14 милиони парчиња „ајпад“, додека неговиот конкурент од Кореја остварил продажба од 7,5 милиони парчиња „Галакси Таб“.
„Мајкрософт“ разви „Виндоус 8“ за таблет-компјутери
„Мајкрософт“ разви специјална платформа „Виндоус 8“ за таблет-уреди. Изгледот на „Виндоус 8“ за „таблети“ произлегува од веќе познатиот дизајн на „Виндоус фон 7“.
„Мајкрософт“ предвиде минимална резолуција на екранот за „таблетите“ од 1.024x768 пиксели и оптимумот почнува на HD (Ready) резолуција од 1.366x768 пиксели.
Основата на корисничката платформа е составена од активни плочки што служат за пристап до апликации и истовремено прикажуваат актуелни информации слично како кај уредите со инсталиран ОС андроид.
„Фејсбук“ претстави нова апликација „месинџер“
„Фејсбук“ претстави нова апликација наречена „месинџер“ за ајфон и за смартфоните со „Андроид“, која би можела да ги замени стандардните СМС-пораки. Апликацијата засега е достапна само во САД.
„Фејсбук месинџер“ им овозможува на корисниците да се допишуваат со пријателите без да користат стандардни СМС-пораки на мобилните оператори. Пораката може да се испрати на еден пријател или на повеќе, кои се наоѓаат во контактите на мобилниот уред, без оглед на тоа дали ја користат наведената апликација или не бидејќи пораката се испраќа на бројот на мобилниот уред и не се наплаќа.
Апликацијата, исто така, овозможува лоцирање на корисникот и пронаоѓање пријатели. „Фејсбук месинџер“ е последна „закана“ на стандардните СМС-пораки што носат голема заработка на мобилните оператори, пишуваат странските ИТ-портали.
„Анонимуси“ сака да го убие „Фејсбук“
Групата хакери „Анонимуси“, по неколку познати напади, планира на 5 ноември да ја „убие“ најголемата социјална интернет-мрежа „Фејсбук“ во „интерес на приватноста“.
„Анонимуси“ ги повикуваат сите хакери-активисти и лицата што сакаат да ја одбранат слободата на информирање да им се придружат во „убивањето“ на „Фејсбук“.
Во пораката од „Анонимуси“ се наведува дека „Фејсбук“ ги продавала податоците на владините агенции и давала одредени погодности за пристап до тајните компании за шпионирање на луѓето.
На „Фејсбук“ се' уште ништо не е објавено за заканата на „Анонимус“.
Во Европа ќе се продадат 13 милиони таблет-компјутери
Во Европа во текот на 2011 година би требало да се продадат околу 13 милиони таблет-апарати, објави истражувачкиот кабинет „Форстер“.
Аналитичарите на „Форестер“ дојдоа до тие резултати со анкетирање на 13.886 возрасни корисници на интернет што живеат во Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија, Шведска и во Велика Британија, седум земји со вкупно 342,4 милиони жители. Три отсто анкетирани изјавиле дека веќе поседуваат таблет- компјутери.
Во „Форестер“ оценуваат дека во текот на 2011 година во светот ќе бидат продадени 48,2 милиони таблет, меѓу кои 50 отсто во САД, а 30 отсто во Европа, на Блискиот Исток и во Африка, 15 отсто во пацифичка Азија, а пет отсто во Јужна Америка.
„Епл“ највредна светска компанија за еден ден
ППрв пат по 2005 година „Епл“ го престигна „Ексон мобил“ и стана највредна компанија на светот и, по се' изгледа, се врати на старо.
Растот на акциите од 6,1 отсто во еден момент ја зголемиле пазарната капитализација на компанијата од Купертино на 347,3 милијарди долари. Откако неколку пати ги менувале местата, на крајот од денот „Ексон“ повторно се вратил на првата позиција, со пазарна капитализација од 348,3 милијарди долари наспроти 346,7 милијарди на конкурентот.
Сепак, растот на нафтениот гигант зависи од цената на нафтата и од новите пронаоѓалишта, додека „Епл“ не се соочува со такви ограничувања. Доколку продолжи со одличната продажба на своите производи, „Епл“ и натаму ќе се шири.
Престигнувањето на „Ексон“ следува по 14-годишна трансформација на Епл од компанија што продава персонални компјутери, во бизнис џин што нуди се', од смартфони до дигитална музика.
„Епл“ веќе успеа да ги засени „Мајкрософт“, ИБМ и „Интел“, чија доминација во технолошката индустрија во 90-тите години ја истурка компанијата на Стив Џобс на работ од компјутерскиот пазар.
Благодарение на успешната продажба на „ајпад“ и „ајфон“ и развојот на бизнисот во Кина, акциите на „Епл“ годинава пораснаа за 16 отсто, а само во последниот квартал постигна дупло поголем приход.
Болница за лекување зависност од интернет
Зависноста од интернет во Јужна Кореја станува се' поголем проблем поради што е отворена првата болница за лекување зависност од интернет и од видеоигри.
Болницата „Сејв брејн“ (Да го спасиме мозокот) ја води доктор Ли Вон, кој наведе дека лекувањето почнува со скенирање на мозокот, со цел да се утврди кои зони отстапуваат од нормалното функционирање.
Откако ќе се постави дијагноза на пациентите им се даваат антидепресиви и им се препишува терапија за поправање на мозочните дисфункции, заснована на лекување на недостиг од внимание, односно хиперактивност.
Ли оценува дека постојат два вида зависници од интернет - повлечени луѓе што повеќе ја сакаат виртуелната анонимност од реалноста и луѓе кои ги привлекува насилството и илузијата на моќ што е во мрежата. |