СМЕНИ ГО КАНАЛОТ
Враќај на прва, враќај на ЈУ-носталгија!
Јасминка Павловска
Секое навраќање на дилемата дали телевизиската понуда ни беше подобра кога имавме само две ТВ-програми или сега кога имаме „отворен прозорец кон светот“ со навидум безброј можности за истражување на опциите на далечинскиот управувач, во себе ја содржи опасноста за потклекнување пред југоносталгијата или барем носталгијата. Не толку поради жал за времето кога беше актуелен вицот за полицаецот на втората програма, кој ако смениш на втора, строго наредува „враќај на прва“, туку како соочување со ТВ- состојбата дека и покрај привидот за отворени можности, изборот како да ни се сведува само на „враќање на прва“.
За волја на вистината, не се кабает само нашите македонски телевизии за потонување во (југо)носталгијата, туку и ако тргнете да ги проширите своите видици во најблиското ТВ-соседство (читај РТС и ХТВ, како најгледани програми од кабелската ТВ-понуда), сакале – не сакале се враќате во деновиве пред години. Во недела навечер на ХТВ наидувате на „Вело мисто“ со година на производство, веројатно, уште додека беше жив Тито, татко на сите народи и народности на Југославија. На РТС, пак, „Отпишаните“ во црно-бела верзија, која во меѓувреме пожолтела и покрај „освежувањата“ со репризите во текот на годините, од седумдесеттите од минатиот век, па еве до втората деценија на 21 век. Кога веќе се следи трендот на архивска носталгија, би можела и МРТВ да ја пронајде во своите фундуси серијата „Најубавите години“, од нивно производство, со слична тематика и временски случувања како „Вело мисто“ и „Отпишаните“. А се чини дека и од денешен аспект тоа е содржински и продукциски најдобра македонска серија, иако е снимана во доцните седумдесетти или во раните осумдесетти години од минатиот век. Ако веќе се оди според принципот југоносталгија, ама од домашно производство.
Навистина, „Сител“ имаше една фаза на емитување македонски филмови, протуркани меѓу филмовите за сите ЈУ-офанзиви, но проблемот со ТВ- носталгијата не е во предзнакот „југо“ или во (локал) патриотизмот. Мајтапот на телевизиите е во потценувањето на вкусот и симпатиите на гледачите. Демек, луѓето паѓаат на југоносталгија (докажано низ анкети и истражувања во сите поранешни ЈУ-републики), па ајде сите во партизани. Но, и веслањето на бранот на југоносталгијата треба да биде со усул. Можеби првата реприза на „Вело мисто“ и на „Отпишаните“ (и сите филмови и серии од таков жанр), дури била и симпатична, втората реприза - носталгична, но третата веќе им е преку глава и на најзагорените (југо)носталгичари.
Иако еден многу често парафразиран афоризам (што од повторување, веројатно, го загубил и првичното значење и намена) вели дека „старите љубовници, старите директори и старите времиња се најсигурни прибежишта во криза“, сепак, е премногу да се очекува од сите овие фактори да бидат вечен спас и оправдување од неинвентивност и недостиг од фантазија.
Некое истражување во Србија покажало дека ако Југославија останела во рамките на шест републики и две покраини, сега веќе сите топтан ќе сме биле во Европската унија, со ниво на развој (и долг) како Грција, Шпанија или Португалија.
Што би се рекло, како и да свртиме, повторно би биле пред банкрот или таму каде што сме сега. Многу слично тоа е рефлектирано и во случајот со изборот на ТВ-програмите - како и да го менуваме каналот, се' уште излегува некој „полицаец“ и вели: „Враќај на прва“! Пардон - „Враќај на (југо) носталгија!“ |