Ослободен убиецот на Ана Политковскаја
Маратонското судење на обвинетите за убиството заврши со дебакл
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Маратонското судење на обвинетите за убиството на Ана Политковскаја, коментаторка на московска „Нова газета“, која ја ликвидираа во Москва на 7 октомври 2006 година, заврши вчера со дебакл за истражните органи. На сите обвинети кои со месеци се наоѓаа во истражниот затвор вчера им беа симнати лисиците од рацете, бидејќи судот ги ослободи. Браќата Ибрагим и Џабраил Махмудов од Чеченија се ослободени, како и поранешниот полицаец Сергеј Хаџикурбанов, кој беше обвинет дека ги навел платените убијци каде да ја ликвидираат Политковскаја. Исто така, ослободен е поранешниот соработник на Федералната служба за безбедност, потполковник Павел Рагузов, кој беше обвинет за давање информации за адресата на несреќната новинарка.
Обвинителството ги товареше браќата Ибрагим и Џабраил дека го довеле платениот убиец, најмладиот брат Рустам, пред станот на Ана Политковскаја. По убиството, Рустам успеа да побегне од Москва и сега се наоѓа во странство. Обвинителството има намера да вложи жалба на одлуката на судот.
Се' додека не биде уапсен човекот за кого постои сомневање дека пукал - Чеченецот Рустам Махмудов (30) - не може да се зборува кои биле нарачатели, а кои помагачи. Руските правосудни органи се надеваат дека Рустам, сепак, ќе биде уапсен.
Политковскаја беше убиена пред најмениот стан во улицата „Љеснаја“ во поширокиот центар на Москва. Убиството се случи кога таа се враќаше од продавница. Истрагата уште во почетокот се посомнева дека Ана Политковскаја е убиена по нарачка од Чеченија, бидејќи таа често пати пишуваше дека таму не се почитуваат човековите права и дека животот таму малку вреди. Некои западни весници за убиството на Политковскаја го обвинуваа Кремљ. Тоа го натера тогашниот претседател Путин да изјави дека од убиството на Политковскаја Русија имала повеќе штета отколку од сите нејзини критички интонирани написи. На поранешниот претседател на Русија, Путин, многу пати му беше поставувано прашањето до каде е истрагата околу расветлувањето на убиството на Политковскаја. Една од причините што Политковскаја не ја заборавија брзо беше и тоа што таа, покрај рускиот, имаше и американски пасош, бидејќи беше родена во Америка, каде што родителите (Украинци) работеле како советски дипломати.
Московска „Газета“ одамна пишуваше дека истражните органи релативно брзо го дознале името на убиецот на Ана Политковскаја, но не го соопштувале во јавност сакајќи да го уапсат. Иако истражните органи тврдат дека дури знаат во која земја сега живее убиецот, досега се' уште не успеале да го фатат со помош на Интерпол. |