Фирмите уште не знаат за полесното царинење
Иако едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти профункционира на 1 ноември, бројот на компаниите што го користат, аплицирајќи преку Интернет за дозволи, се' уште е мал, информира првиот цариник во земјава, Ванчо Каргов. Информациите од теренот говорат дека бизнисмените не се доволно запознаени со предностите на овој систем, поради што се најавуваат повеќе промоции. „Овој систем е вистинска револуција во Македонија, а предностите што ги нуди треба да ги почувствува бизнисот. Воведувањето на овој систем не претставува губење на работата на шпедициите“, изјави вчера Каргов на промоцијата на едношалтерскиот систем, проект на Владата на Македонија и УСАИД, координиран од Царината.
Едношалтерскиот систем опфаќа 16 државни институции. Преку него компаниите може да поднесуваат електронски барања за дозволи, кои се издаваат електронски. Услугата е достапна 24 часа седум дена во неделата, а преку неа се штедат времето и трошоците на компаниите, а се зголемува ефикасноста на процесот за издавање на дозволите.
„Примената на концептот, преку создавање единствен систем, во кој се вклучени сите институции што имаат клучна улога во контролата на движењето на стоките во меѓународната трговија, придонесува за значително поедноставување на целокупната постапка. Од друга страна, се намалуваат трошоците кои се сериозен товар за јавниот и за приватниот сектор“, истакна вицепремиерот Зоран Ставрески.
За американскиот амбасадор Филип Рикер, една од клучните цели на владата на САД е поттикнување на економскиот раст. „Со владата се фокусираме на правните реформи и на поедноставување на бирократските процеси за да се олесни товарот врз фирмите и инвеститорите и да се зголеми нивната транспарентност“, рече американскиот амбасадор, според кого Македонија има мал домашен пазар и секое подобрување што влијае врз движењето на стоките преку граница ќе придонесе земјата да стане поатрактивна з�� инвестиции. (А.С.) |