Бизнисот бара уривање на визните бариери
Чекањето пред амбасадите е понижувачка и грда слика, му се пожалија стопанствениците на Боцевски
Соња Маџовска
Бизнисмените побараа од Владата да ги засили активностите и посилно да лобира кај земјите-членки од Европската унија за побрза либерализација на визниот режим, бидејќи и очекуваните олеснувања на визните процедури во практиката засега не даваат резултати.
„Излегува дека стоките полесно патуваат отколку луѓето“, укажуваат бизнисмените, кои се жалат дека шенгенскиот ѕид и чекањето пред амбасадите во земјава претставува понижувачка и грда слика за нив. „Наместо да работат, тапкаат по тротоарите за да добијат тридневно одобрение да ги продаваат своите производи надвор од границите на фамозниот Западен Балкан“, му се пожали претседателот на Стопанска комора Бранко Азески на вицепремиерот Ивица Боцевски, а во името на бизнисмените му даде и сугестии и конкретни мерки како да се подобри состојбата.
Македонските бизинисмени велат вадењето визи бара голем напор и време. „Честопати се соочуваме со проблеми. Сега дури и во Бугарија да одиме, процедурата е многу тешка и бара многу напори. Тоа особено е изразено за вработените од понизок ранг во фирмите“, изјави директорот на БИМ - Свети Николе, Стојанче Стојанов.
„За секое излегување од државата мора да се чека пред амбасадите на европските земји, без разлика дали си бизнисмен или обичен граѓанин. Неопходна е цела низа документација, да се докажуваат работи и тоа да се обновува секоја година. Бизнисот не чека ниту минута“, изјави и директорот на велешката фабрика „Благој Ѓорев“, Никола Варадинов.
За стопанствениците најголеми проблеми со кои се соочуваат при вадењето визи се неунифицираноста на процедурите, дискреционите оценки и персоналните приоди од страна на амбасадите во земјава.
„Владата да се заложи кај земјите-чл��нки на ЕУ да им се издаваат визи на деловните луѓе и на транспортерите со траење од најмалку една година, а МВР да ги издава патните исправи со поголем број страници. Владата да ги засили активностите за либерализација на визниот режим преку создавање алијанси и лобирања како начин на кој може да се дојде до посакуваниот резултат во ЕУ“, рече Азески.
Вицепремиерот Боцевски најави дека следната година во Брисел ќе биде организиран бизнис-форум каде што претставници на македонската бизнис- заедница пред сите надлежни од ЕК и од ЕУ ќе ги изнесат сите предизвици со кои се соочуваат во работењето, трговијата, инвестициите и визната либерализација со земјите-членки на Унијата. Тој заклучи дека освен за категоријата новинари, во ниту една друга категорија од македонското население визното олеснување не донело резултати.
„Не може да зборуваме за визно олеснување ако најголемиот број категории граѓани на Македонија во суштина со него имаат отежнување на процедурите за добивање визи“, рече Боцевски и наведе дека 70 отсто од младата популација меѓу 16 и 30 година не била во ниту една земја-членка на ЕУ, со исклучок на Грција, а само неколку стотици студенти имале можност да патуваат на конференции низ Европа. „Македонските граѓани годишно трошат пет милиони евра за шенген-визи“, додаде Боцевски, оценувајќи ги тие факти како поразителни за ЕУ и за нејзиниот визен режим.
Во првите девет месеци од годинава Македонија со ЕУ реализирала 59,8 проценти од вкупниот извоз и 47,4 проценти од вкупниот извоз. Од 20 најголеми трговски партнери на Македонија во тој период, 11 се земји-членки на Унијата. |