Не се знае колку енергија ни треба за 2009 година
Предлог - енергетскиот биланс за 2009 е нереално подготвен, реагираат компаниите
Маја Томиќ
Вчера беше одложено донесувањето на Предлог енергетскиот биланс за 2009 година. Енергетскиот биланс треба да ја отсликува реалната состојба за потребите за енергија во државата, посочуваат енергетските субјекти. Сегашниот предлог не содржи конкретни, објективни показатели за количествата енергија, потребни за сите потрошувачи. Големите компании, поради кризата, за в година побаруваат многу помалку струја, отколку во годинава што изминува.
Расправајќи вчера по Предлог- енергетскиот биланс за 2009 година, од „Макстил“ посочија дека имаат малку намалени потреби за струја за в година, „Бучим“ за 8 месеци од наредната година пријавува 3 мегават-чсови, наместо 8 колку што трошеше на годишно ниво, „Силмак“ 4, наместо досегашните 6 мегават-часови, а „Фени“ најави за 30 отсто намалено производство поради падот на цената на металите и значително помали потреби за струја во наредните месеци. Помала потрошувачка на струја ќе имаат сигурно и помалите тарифни потрошувачи, како што се текстилните фабрики, поради намален обем на работа. Но, од „ЕВН Македонија“, пак, пријавуваат за 4 отсто поголеми потреби за струја. Дали тие ќе се потрошат, ќе зависи од временските прилики, велат од компанијата.
Оттаму, предлогот на енергетскиот биланс е нереален, оценија присутните на вчерашната расправа во Стопанската комора. Според академик Томе Бошевски, мора претходно да се направи анализа на тоа колку струја е потрошено годинава, а колку било побарано од компаниите; ЕВН треба да одговори дали ги потрошила количествата кои ги побарувала лани, па дури потоа, врз реални проекции да се прави биланс за наредната година.
Според Предлог-билансот, вкупните потреби за струја в година ќе изнесуваат 9.052 гигават-часови и тие се поголеми за 4,58 отсто од потрошувачката во 2008. Бруто-потрошувачката на енергијата во 2009 г. ќе биде 131.260 тераџули и ќе биде повисока за 4,36 отсто од годинешната. Потребите за нафтени деривати ќе бидат поголеми за 8 отсто. ЕЛЕМ накусо даде објаснување за домашното производство на струја годинава и за предвидувањата за идната година, а присутните детално ги запозна со направените анализи и забелешки за работењето на ЕВН. Вкупните загуби на струја во системот не се 11 отсто, како што се утврдени со Законот за енергетика, туку 13,2, што оди на директна штета на ЕЛЕМ и на домашното производство, реагираа вчера од компанијата. Според директорот Влатко Чинговски, ЕВН не смее повеќе да ја користи и енергијата од малите хидроцентрали за покривање на загубите. |