Отворена Стопанската комора на Македонија и Турција
Вчера во Скопје свечено беше отворена Стопанската комора на Македонија - Турција. На отворањето беа присутни високи претставници од турската и македонската Влада. Заменик-претседателот на новоотворената македонско-турска комора, Ајдоан Адемовски, изрази надеж дека комората ќе ја зајакне економската соработка меѓу Македонија и Турција.
Министерот за економија, Фатмир Бесими, посочи дека и покрај тоа што Македонија и Турција се многу блиски на културен и на историски план, сепак, економската соработка не е на највисоко ниво. „Турција е една од првите десет земји со кои Македонија има трговска размена. Се надеваме дека Турција ќе се искачи повисоко на оваа листа“, рече Бесими.
Претседателот на Големото народно собрание на Турција, Ќоксал Топтан, изрази надеж дека ќе се отворат можности за создавање нови работни места. „Верувам дека нашата економска соработка, која засега не соодветствува на потенцијалите на двете земји, ќе се зајакне и подобри“, рече Топтан. (А.П.) |