Сите македонски рудници пред затворање
Светот троши се' помалку суровини, што услови пад на цената на обоените метали
Иван Бојаџиски
Штип - Сите македонски рудници за обоени метали се пред затворање. Судбината на „Бучим“, единствениот рудник за бакар и злато во државава, чие раководство веќе донесе одлука рудникот да го прекине производството на неопределено време, за кое не се знае до кога ќе трае, многу бргу ќе ги снајде и „Саса“, „Злетово“ и „Тораница“. Ова го тврдат стручњаци од сите овие рудници, а само во „Саса“ за новиот проблем говорат со име и презиме. Тоа, пак, значи отворена опасност да се најдат на улица 2.500 рудари. Тој чин ќе значи и нова економска голгота на сиромашното и недоволно развиено подрачје на источна Македонија.
Покрај енормно ниските цени на бакарот, оловото и цинкот, сега на реалната опасност сите рудници да се затворат влијае и намалената побарувачка на олово и цинк, која последнава недела, како и побарувачката на бакарот, била целосно прекината.
„Насекаде во светот потрошувачката на метали речиси е сопрена. Топилниците предупредуваат дека повеќе нема да примат концентрати, бидејќи немало на кој да ги продаваат металите, а и сегашните цени не им носат никаков профит. Нашата руда на топење ја носиме во Бугарија и оттаму ги добиваме овие информации иако сосема е идентична ситуацијата и во сите други европски топилници. Оловото и цинкот најмногу се трошат во автомобилската индустрија, но токму оваа индустрија денес е во најголема криза. Продажбата на автомобили драматично е намалена, фабриките отпуштаат десетици илјади вработени, и тоа говори се'. Станува збор за нов, многу голем проблем, а тоа ја прави реална можноста ’Саса‘, и покрај тоа што и со сегашниве ниски цени има мала економија во работењето, наскоро да го затвори рудникот. Прогнозите не ни дават надеж дека набргу нешто може да се подобри, а тоа е уште една закана за нашата иднина“, вели Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој во овој рудник. Тој не ја исклучува можноста од затворање на рудникот ако нештата драматично не се променат.
Од седиштето на компанијата „Индоминерали и метали“ никој не сака да говори на темата која ја тресе Македонија. Од извори во рудникот „Злетово“ добивме информација за нова стратегија на менаџментот, која на кратко време дава привид дека овој потрес може да се издржи, но на не толку долг рок се заканува со затворање на рудниците во посед на оваа компанија. Имено, во „Злетово“ и во „Тораница“, рудници што ги поседува индиската компанија, тековното работење не е поддржувано од неопходните инвестиции, што во рударството значи сечење на гранката од која зависи утрешнината.
„Рудата се експлоатира во старите, а не се отвораат нови окна. Во рударската филозофија тоа е неприфатливо зашто многу бргу се покажува дека повеќе ќе нема простори од каде што ќе може да се вади руда. Точно е дека на тој начин се избегнуваат трошоците, но сите знаеме дека нема долговечност во рударството без секојдневно инвестирање во нови истражувања, во отварање нови окна“, ни изјави искусен рударски стручњак, кој не сакаше да му го спомнуваме името.
Раководството на „Бучим“ имаше храброст и доблест прво да ја објави лошата вест за тоа дека рудникот, од Нова година, се затвора на неодредено време. Падот на цената на бакарот под три илјади долари по тон (на крајот од минатата недела беше 2.800 долари) ја елиминира решеноста на менаџментот рудникот да работи заклучно со февруари. Дознаваме дека вчера таму веќе биле потпишани и поделени првите отказни решенија со тоа што рударите ќе го добијат сето она што им следува согласно со Колективниот договор. |