Невработени се „вработија“ како управители на куќни совети
Евидентирањето како управители, место како претседатели, ги брише од евиденцијата во Агенцијата за вработување
Билјана Ангеловска
Сите невработени што се нафатија да бидат на чело на новоформираните куќни совети несвесно го решија своето вработување во истиот момент кога станаа претседатели на заедниците на сопственици на станови! Тие, без да знаат, во Агенцијата за вработување не се заведени како претседатели, туку како управители на фирми, со што автоматски се бришат од евиденцијата на невработени.
Од ден на ден испливуваат се' повеќе аномалии на изменетиот Закон за домување. Најновиот проблем со ваквата категоризација, со која се соочија голем број граѓани, практично значи крај на наивните обиди да се вработат, бидејќи дел од нив се невработени, но ги има и стечајци, технолошки вишок, социјалци, пензионери.
„Јас сум невработена и се нафатив да бидам претседател на куќниот совет. Се' што требаше околу регистрацијата на заедницата на сопственици завршивме навреме и јас официјално станав нејзин претседател. Но, кога завчера отидов во Агенцијата за вработување да се пријавам како невработена, што законски сум обврзана да го правам редовно на секои три месеци, ќе се онесвестев кога ми рекоа дека сум избришана од евиденцијата за невработени, бидејќи сум управител на фирма. Ме фати паника, а потоа ме обзеде гнев кога ми објаснија дека место претседател на куќен совет, во Централниот регистар сум заведена како управител. Тоа што се нафатив да раководам со куќниот совет не значи дека се вработив“, револтирано вели скопјанка.
Таа веднаш реагирала, по што било направена исправка. Но, како што вели, тоа е цела процедура за која е потребно време, пополнување нови барања, шетање по шалтери.
Оваа скопјанка не е единствена која се соочила со овој проблем. Слична непријатност имал и еден друг сопственик на стан во Скопје, кој, како технолошки вишок, како што вели, имал вишок време кое одлучил да му го посвети на новоформираниот куќен совет. Но, и тој доживеал шок кога му бил укинат надоместокот што го добивал како технолошки вишок затоа што станал управител на зградата. „А, јас, всушност, станав само претседател на соседите, а не управител на некоја фирма“, објаснува тој.
Кој е виновен за ваквите проблеми на граѓаните и чија беше обврската да ги информира дека прифаќањето да се биде претседател на куќниот совет фактички значи да се стане прв управител на фирма. И, дали воопшто е така, дали не станува збор само за нечија (не)намерна грешка од која подебелиот крај повторно го влечат граѓаните.
„Одговорно тврдиме дека досега не е донесено ниедно решение за бришење од евиденцијата на невработени за ниедно невработено лице регистрирано како претседател на куќен совет. Демантираме дека на кој било му престанало правото по основа на невработеност“, категорични се во Агенцијата за вработување и напомнуваат дека секој невработен престанува да се води во евиденцијата на невработени лица откако за него ќе биде донесено решение за бришење, односно за прекинување на правото за користење паричен надоместок како право од осигурување во случај на невработеност.
Дали проблемот е зачнат во Централниот регистар, каде што се врши пријавување и регистрација на заедниците на сопственици, не се знае. Оттаму вчера кусо ни беше речено дека решението на проблемот не е кај нив, (тие само ги регистрираат заедниците на сопственици) и за детали не' упатија во Агенцијата за вработување. На нашето прашање зошто претседателот на заедницата токму во Централниот регистар се заведува како управител на фирма, не добивме одговор до затворањето на весникот.
Проблемот со регистрирањето заедница на сопственици во станбени згради, се чини допрва ќе ескалира токму поради ангажманот на нејзиниот прв човек. Раководењето со заедницата е на доброволна основа и најчесто е волонтерска работа, бидејќи оној што се нафаќа на таква работа, всушност, тоа го прави и за себе и за општо добро на сите станари во зградата. Доколку набрзо не се надмине проблемот со работењето на претседателот на заедницата, тогаш во иднина никој нема да се нафаќа да ја извршува оваа дејност. Зошто, ниту еден стечаен работник ниту некој што е технолошки вишок нема да ризикува да го изгуби надоместокот што го прима само за да стане претседател на куќниот совет.
НД бара пролонгирање на рокот
Нова демократија предложи продолжување на рокот за избор на управители на зградите и за регистрирање на заедниците на сопственици за временски период од една година. „Владата треба сериозно да пристапи кон подготовките за доследно спроведување на Законот за домување, администрацијата и органите треба да ги забрзаат процедурите за комплетирање на документите, а јавноста преку дебати, трибини и јавни соопштенија да биде запознаена со новите обврски, кои произлегуваат од Законот за домување“, рече Флора Кадриу од НД. |