Затруени тројца кошаркари во хотел „Континентал“
Тројца кошаркари со знаци на труење регистрирал скопскиот Центар за јавно здравје во хотел „Континентал“. Првите случаи биле пријавени завчера по завршување на вечерата, која се состоела од пилешки стек, макарони потпечени со јајца, супа, ориз со грашок и моркови како додаток и овошје - лубеница. Во хотелот престојуваат државни кошаркарски репрезентации од повеќе земји, вкупно 263 лица, од кои 192 спортисти на возраст до 16 години.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат привремено ги затворил двете кујни поради незадоволителни општи санитарно-хигиенски услови.
„Работните површини и опремата се нечисти и замастени. Подните плочки се нечисти, особено под работните маси и шкафовите за прибор и опрема. Разладните уреди не се подредени по вид и потекло на храната. Во кујната се чува и прибор за одржување на хигиената, нехигиенски во истиот простор каде што се приготвува храната“, се вели во известувањето од Министерството за здравство.
Вработените во кујната биле со уредни санитарни книшки, а била извршена и редовна дезинфекција на просторот. Инспекторите зеле брисеви и од вработените и од работните површини, како и од затекната храна во кујните. Наредено е механичко чистење на кујните, како и вонредна дезинфекција и вонредни прегледи на вработените. (Ј.Ј.) |