Семејството Павлови ќе добива по 6.000 денари месечно
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Центарот за социјални работи од Кавадарци одлучи секој месец да издвојува по шест илјади денари помош за семејството Павлови, кое се пожали дека нема доволно пари за да ги прехрани шесте деца. Ова кавадаречко семејство, како што завчера објави „Утрински весник“, поради законски контрадикторности извиси за субвенција од државата за четврто дете наспроти силната кампања за зголемување на наталитетот.
Сопружниците Силвана и Орданчо Павлови од својот брак имаат четири деца, најголемиот син Атанас е 16 години, ќерката Мартина има 10, Даниел две години, а најмалиот член на семејството е пет месеци. Тие живеат во сопствена куќа. Силвана, покрај четирите деца, од овој брак има и две деца од првиот брак, поради што не можеше да добие надоместок за четврто дете.
Од Центарот за социјални работи се категорични дека Павлови не го исполнувале законското право за таков надоместок, бидејќи имале шест живородени деца. Сепак, екипа од кавадаречкиот Центар вчера го посети домот на Павлови за да им соопшти дека ќе добиваат средства за покривање на потребите на децата од млеко и храна. Директорката на кавадаречкиот центар, Вања Маневска, вели дека случајот со Павлови им е добро познат, а тие во неколку наврати им помогнале.
„Таткото е материјално обезбедено лице. Има редовен работен однос во ЈП ‘Комуналец‘ и прима плата од 13.500 денари. Годишните приходи на семејството се 162.981 денари, а месечните 1.940 за секој член. Добиваат и детски додаток. Во мај годинава им исплативме и еднократна помош од 1.500 денари по основа на повеќечлено семејство“, објаснува Маневска. Таа ветува дека Центарот во соработка со локални институции и компании ќе им помага на Павлови.
Таткото Орданчо Павлов вели дека му се јавиле повеќе пријатели и бизнисмени со понуди за помош, а тој е благодарен за хуманоста. Неговата сопруга Силвана изрази разочараност од односот на државата кон повеќедетните семејства. Притоа кажа дека државата ги одбила нивните документи со кои побарале да добиваат субвенција од владиниот бејби бум за четири деца. Со тоа Павлови се чувствуваат излажани од државата и предочуваат на контрадикторноста на владината кампања за зголемување на наталитетот. Дури најавија дека за својот проблем ќе бараат судска разрешница.
„Кога сакав да го абортирам четвртото дете, лекарите ме наговорија да не го правам тоа оти државата ќе плаќала“, рече Павлова. Таа додаде де��а немаат пари да ги прехранат децата, па затоа петмесечното бебе наместо со млеко, го хранела со брашно разматено во вода. |