ПАТРИК СВЕЈЗИ
Повторно лут на новинарите
Актерот Патрик Свејзи уште еднаш луто им се обратил на новинарите поради лажните написи за неговата здравствена состојба. Иако за многумина тој веќе одамна е на работ на смртта, Патрик потврдил дека тоа воопшто не е точно и дека се' уште има надеж да живее. Ѕвездата на филмот „Валканиот танц“, 56-годишниот Свејзи, минатата година се соочи со информацијата дека боледува од рак на панкреасот и дека и покрај обидите на лекарите, преку разните методи да го спречат ширењето на болеста, не успеале во тоа, со што на актерот му останале само уште неколку месеци живот.
Реакцијата на Свејзи била предизвикана поради насловната страница на магазинот „Нешенел енкваер“ каде што стоело дека актерот се соочува со сопствениот крај.
„Неверојатно е што пишуваат таблоидите во однос на моето здравје, а всушност не знаат дека во мојот живот досега се случија многу позитивни нешта. Постојано одам на хемотерапии и еден сум од ретките кои со оваа болест успеваат добро да ја поднесат терапијата, притоа да се добијат позитивни резултати. Дури започнав да пишувам и нова книга“, појаснил Патрик Свејзи.
Иако првата фаза од неговото лечење била оценета како вистинско чудо, болеста подоцна зела уште поголем замав, па Патрик бил повторно вратен на примање нова хемотерапија. |