Број 2936  сабота, 14 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Забава

Стил Писмо од Лондон

На Европа и' недостигаат вистински лидери

Берлинскиот Ѕид мора да падне уште еднаш, две децении по првото паЃање

Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Ретко кога во овдешната јавност се жали по ЕУ, а уште помалку, и од левото и од десното крило на британската политичка сцена, се изразува загриженост за иднината на европската идеја и за Унијата. Многу почесто овој „елитен европски клуб“ (и одлево и оддесно) се напаѓа дека премногу се меша во внатрешните работи на земјите-членки, секако, секогаш притоа водејќи сметка за британските интереси. Во Лондон сега, меѓутоа, не се крие песимизмот околу перспективата на ЕУ, не само кога станува збор за санирањето на последиците од длабоката криза во која се наоѓа европската економија и од стагнацијата во нејзиниот развој туку и за тоа како понатаму ќе изгледа целиот проект за единствена и обединета Европа. Поводот за тоа се бара и се наоѓа, и во последниот (вонреден) самит на Унијата и во претстојниот самит на групата Г-20, што во британскиот главен град ќе се одржи за две недели, на кој, како и на средбата на европските 27-мина, ќе се настојува да се изгради заедничка позиција за средувањето на глобалната криза.

Кога станува збор за Европа, загриженоста тргнува од тоа дека целосно е блокиран процесот на понатамошно ширење. Постои страв за мирната транзиција на источноевропските земји, како и за сите други од поранешниот комунистички свет. Конечно, британската позиција е дека протекционизмот е најнепогоден лек за актуелната криза, дека (внатре во границите на ЕУ) му штети на заедничкиот пазар, темел на кој е изградена прво ЕЕЗ (Европската економска заедница), а потоа и Унијата. Но, чешкиот премиер Тополанек и францускиот претседател Саркози јавно се расправаат околу протекци��низмот, унгарскиот премиер Ференц Ѓурчањ вели дека Европа се соочува со опасноста од подигнување нова железна завеса меѓу Западот и Истокот. Тој ги предупредува западните земји-членки дека може да се соочат со голем бран економски имигранти, кои ќе тргнат кон тој дел на континентот во потрага по работа и подобар живот, на што германската канцеларка Ангела Меркел студено реагира, одбивајќи да даде пари за интервентна помош на загрозените источноевропски економии. Францускиот шеф на државата инсистира дека неговата заложба за враќање на француските фабрики од истокот на Европа во Франција е разумна, според сегашните економски состојби, а британскиот премиер Гордон Браун, кој јавно зборува против протекционизмот, не се изјаснува категорично против барањата на синдикатите работните места во Британија да бидат за Британците. Уште повеќе, неговиот министер за внатрешни работи, Џаки Смит, навести дека во иднина агенциите за вработување, кога ќе огласуваат слободни работни места за квалификувани и обучени кадри, тие прво ќе им се понудат на домашните работници, па дури потоа на странците.

Таквата ситуација во ЕУ ги натера дури и британските евроскептици да предупредуваат дека откажувањето да му се помогне на Истокот може да има тешки последици за европската идеја и за политичката определба за обединета Европа, која беше насушна храна за многу генерации Европејци и од двете страни на некогаш поделениот континент. Веројатно, објаснувањето за оваа загриженост делумно треба да се побара и во стравот од заканата на Ѓурчањ (за бранот имигранти), па оттаму и исплашените пораки дека загрозените држави од Источна Европа не смеат да доживеат колапс. Работите одат дотаму што поголема гласност од обично овде доби и поранешниот германски шеф на дипломатијата Јошка Фишер, кој не спаѓа меѓу омилените европски политичари и поради неговото минато на левичар и „уличен бунтовник“ и поради неговите силни заложби за цврсто институционално единство на ЕУ. Во британската јавност тој се означува како „европски федералист“, нешто што (велат) никако не може да помине во Велика Британија, што овој пат не беше пречка неговите предупредувања, искажани на едно предавање во Оксфорд, да наидат на разбирање.

Според Фишер, сегашната економска криза и рецесијата ја ставаат ЕУ пред тешки искушенија околу тоа како да продолжи понатаму. „Мора по втор пат да падне Берлинскиот ѕид, две децении по првото паѓање, затоа што се заканува кризата да ги уништи извонредните постигнувања остварени со проширувањето на ЕУ и со постигнатото обединување на континентот“, вели поранешниот германски министер. Тој и' приговара на денешната политика на неговата земја за напуштањето на тие основни принципи за сметка на сопствените државни интереси. Фишер вели дека пазарот на ЕУ од порано не е веќе државен, туку дека е заеднички, дека таков треба да остане, критикувајќи ги појавите за инсистирање на „некаква британска работа“, на „германска работа“, при што целосно се заборава на заедништвото и на солидарноста. Во настојувањето да се надминат сегашните појави, тој инсистира на уште поголемо институционално интегрирање, за сметка на посебноста на секоја од земјите-членки. Тука некаде завршува согласувањето со Фишер, што еден лондонски аналитичар го објасни така што како добра ја означи дијагнозата (за болеста на Европа), но како лоши ги опиша лековите што ги припишува Германецот.

За разлика од него (а тој не е осамен на Запад), во Британија се смета дека не се потребни уште повеќе институционални реформи и уште повеќе зацврстување на Унијата за таа да се претвори во некаква супер квазидржава, туку многу посилно, поодговорно и вистинско лидерство. Едноставно, мислењето е дека Европа сега нема лидери и политичари од оној ранг какви што имаше порано и дека токму тоа е основниот проблем што ја држи ЕУ во ситуација како да лета во место и без способност да се определи што сака навистина. Некогашниот германски канцелар Хелмут Шмит и поранешниот француски претседател Жискар Дестен беа познати по тоа што не криеја дека немаат големо мислење едниот за другиот, но тие одржуваа пријателски врски додека беа на функциите на кои беа избрани и секогаш кога требаше да се решаваат европските состојби и проблеми, наоѓаа начин да се спогодат и да се договорат. Целата Унија наоѓаше начин како да се дојде до решение, додека сега дури три големи проекти на ЕУ од изминатите 30 години се доведени во прашање (проширувањето, пазарот и солидарноста).

Одбивањето на Германија, на пример, да се согласи да им се помогне на членките од Истокот, како и пораката на канцеларката Ангела Меркел дека ширењето кон некогашниот европски (политички и идеолошки) Исток може и да застане по приемот на Хрватска, е спротивно на сето она што го имаат направено сите канцелари пред неа и германската политика за европското обединување. Крахот на која било од источните членки на ЕУ, по углед на оној на Исланд, ќе покаже колку неискрено било егзалтираното добредојде и гласната заложба за солидарност при нивното примање пред пет години. Со можна тешка криза се соочуваат и некои членки на еврозоната, како Грција и Ирска, па евентуалната интервенција за нив, а запоставувањето на апелите за помагање на новите членки, целосно ќе ја прекрши на две Унијата и ќе подигне нов ѕид или нова железна завеса, за која зборуваат Фишер и Ѓурчањ. Сето тоа, велат во Лондон, не остава простор за ведрина пред самитот на Г-20, од кој целиот свет очекува заеднички усогласени мерки што ќе спречат рецесијата да ја преплави Земјата. Денешните европски лидери, најчесто за својата неодлучност и за своето оперирање за некои мерки, се правдаат со своите гласачи и со јавноста во сопствените земји, што само покажува дека нема лидер кој ќе може да им зборува на Европејците и да им испорача доследни и уверливи пораки.

 


Статијата е прочитана 231 пати.

Испрати коментар

Од: Роби
Датум: 14.03.2009 22:15:39
Да им го дадеме Иванов сосе мираз: космодиск, клетви, манипулација со студенти ...

Најди! во Утрински
Забава
Барбика во почетокот беше Лилика
Судбината на Фрицл и неговите жртви излегуваат на суд
Духови - прекршување на светлината или вистина?
Нормален живот за децата
Повторно лут на новинарите
Tенискиот ас налето - татко
Во врска со Роберт Патинсон