Во целосен мрак луѓето и најмалиот зрак светлина го заменуваат со непознато лице, иако во потсвеста знаат дека тоа е само илузија.
Стручњаците за паранормални појави ја повикуваат јавноста да им ги прати наводните фотографии на духови за да можат подетално да ги истражат. Британските научници решиле да направат експеримент со кој ќе основаат своевидни досиеја икс, каде што ќе ги наоѓаат сите познати фотографии и снимки за кои се верува дека прикажуваат духови, пишува „Дејли мејл“. Тие очекуваат дека ќе пристигнат повеќе од стотина фотографии со паранормални феномени на нивната Интернет-адреса во текот на Фестивалот на науката, кој ќе се одржи од 4 до 18 април во Единбург.
По прецизната анализа од страна на стручњаците за паранормално, но и на оние за фотографија, сите примени визуелни докази ќе бидат објавени со објаснување на официјалните страници.
„Речиси секој месец добивам барем по една добра фотографија на ’дух‘, која не може рационално да се објасни“, изјавил професорот Ричард Вајсман, „ловец на духови“ и психолог, како и водач на споменатиот експеримент.
Вајсман истакнува дека во целосен мрак луѓето и најмалиот зрак светлина го заменуваат со непознато лице, иако во потсвеста знаат дека тоа е само илузија. Луѓето и во облаците препознаваат облици, а никој не го доживува тоа како паранормално.
„Човековиот мозок може да препознае непознато лице во се'. Тоа е поради тоа што лицата се најважната работа што ја гледаме околу себе“, изјавил Вајсман, па додал дека е мошне скептичен околу успехот на експериментот, но можеби „некој седи на вистинскиот извор на информации“.
Еден од најчудните случаи кои досега се појавиле е лице на девојче скриено меѓу нозе на ��рупа пријатели. Фотографијата е снимена во куќа каде што порано е пријавено постоење на дух на дете на возраст од околу четири години.
„Верувале или не, тоа е само многу чудна конфигурација на светлината. Ваквите случаи најтешко се објаснуваат“, констатира Вајсман.
Друга еднакво спорна фотографија е снимена пред 22 години во еден британски дворец, а прикажува проѕирна фигура на безглав дух во војничка униформа, кој стои пред две деца на топ.
„Лицето што го фотографирало овој ’дух‘ сосема верува дека снимило ’суштество‘ кое веќе извесно време се шетало низ дворецот. Можеби му пречи детската игра на неговите топови, па дошол да ги предупреди, а можеби станува збор за двојна експозиција“, објаснува Вајсман.
Во текот на единбуршкиот Фестивал на науката, ќе се одржи и анкета со која ќе се собираат искуства за паранормалните појави.
„Десет отсто од популацијата тврди дека имала средба со духови, но никој никогаш не истражил за какви искуства станува збор. Она што го знаеме досега е дека духовите се цврсти суштества кои ја откриваат својата вистинска природа дури кога ќе почнат да минуваат низ ѕидови“, заклучил Вајсман. (Ј.П.)