НИКОЛ КИДМАН
Нормален живот за децата
Откако ја снимила и последната сцена од мјузиклот „Девет“, во кој се појавила заедно со плејада познати актери, како што се Даниел Деј Луис, Марион Котијар, Пенелопе Круз, Џуди Денч и Софија Лорен, 42-годишната актерка Никол Кидман одлучила да му се посвети на семејството.
Иако медиумите ја пуштиле информацијата дека е во блажена состојба по втор пат, Кидман остро ги демантирала ваквите гласишта и изјавила дека навистина ужива да го минува времето со својата осуммесечна ќерка Сандеј Роуз.
По породувањето минатата година, Кидман им објавила војна на папараците, изјавувајќи дека нема да дозволи нејзината ќерка да биде постојано во центарот на вниманието, меѓутоа по неколку месеци вербална расправија со фоторепортерите, кои деноноќно очекувале да ја видат малата Сандеј Роуз, конечно, успеале во тоа.
Сакајќи да излезе меѓу луѓето, Кидман и малата Сандеј биле видени заедно како го посетуваат музичко-рекреативниот центар за деца во Нешвил каде што поминале неколку часа во пеење, забавување и играње со останатите деца. Со тоа Кидман потврдила дека посакува нејзиното дете да расте како сите нормални деца, кои не мора да го носат товарот на славата, бидејќи имаат познати родители.
При појавувањето на Кидман во центарот, многубројните родители биле видно збунети од нејзината посета, но набргу сфатиле дека кога не се камерите и големото платно, таа е сосема обична мајка, како и сите други.
|