ФЛЕШ-ВЕСТИ
Лазаров го торпедира Гранолјерс
Девет гола, од кои четири од седмерец, е ефектот на Кирил Лазаров, повеќе од доволен за титулата најдобар поединец на средбата меѓу неговиот Сиудад Реал и Гранолјерс од шпанската лига Асобал, која европскиот вицешампион ја доби со 31:25 пред своите гледачи. Со деветтата победа во деветтиот натпревар сезонава, Сиудад Реал ја продолжи мртвата трка за титулата со Барселона, што, исто така, има максимален успех досега.
Ракомет
Жито Прилеп го урна Металург
Ракометарките на Жито Прилеп го направија најпријатното изненадување во последните две домашни првенства, совладувајќи го неприкосновениот во тој период и бранител на титулата Металург со 31:28 во дербито на деветтото коло на Скопско Суперлигата. Со својата осма победа прилепчанки се искачија на врвот на табелата со три бода повеќе од скопјанки, кои имаат натпревар помалку.
Во дербито на дното претпоследниот ФОН Универзитет славеше во Кичево над истоимениот "фенерџија" со 36:26.
Винарска визба Тиквеш го изнамачи Вардар про во скопскиот дуел од осмото коло во машката Вип Суперлига, кој домаќинот го доби со 21:19. Шампионот Металург, пак, беше немилосрден кон Тинекс Пролет, славејќи со 38:19. (Р.Д.)
Традиционално карате
Четворица Македонци на СП во Бразил
Македонското традиционално карате ќе го претставуваат четворица натпреварувачи на претстојното 15. Светско сениорско првенство што ќе се одржи од утре до 14 ноември во бразилскиот град Куритиба. Во јубилејното десетто учество на Македонија на мундијалите ќе настапат Дејан Недев, Аљоша Недев, Даниел Димитриевски и Матеј Ангеловски. Венцислав Недев, пак, во Бразил ќе биде во својство на селектор, тренер и судија.
На Светскиот шампионат се очекуваат рекордни над 50 земји, со повеќе од 600 каратисти.
Кошарка
Ултимејт баскет поразен во Куманово
Кошаркарите на Куманово ја забележаа втората победа во Прва лига сезонава, совладувајќи го на домашен терен Ултимејт баскет од Прилеп со 80:64 во седмото коло. По победата во дербито со Работнички, МЗТ Скопје го декласира Пелистер со 96:49, а уверлив беше и лидерот Фени индустри, кој исто така дома славеше над Лирија со 114:83. Единствената гостинска победа во ова коло ја извојува скопски Торус, кој беше подобар од АБА Струмица со 87:80. Синоќа во Свети Никола требаше да се сретнат Овче Поле и Работнички.
Табела: Фени И. 14, МЗТ Скопје 13, Торус 11, Работнички 11 (-1), Ултимејт баскет 11, АБА Струмица 9, Куманово 9, Овче Поле 9 (-1), Пелистер 8 и Лирија 7.
Следно коло, 13 ноември: Работнички - Пелистер, Ултимејт баскет - МЗТ Скопје, Торус - Куманово, лирија - АБА Струмица и Овче Поле - Фени И. (Р.Д.) |