Македонија без седуммина стандардни фудбалери во Корча
Од комбинација за дуелот со Албанија отпаднаа Попов, Пандев, Грнчаров, Георгиевски, Наумоски, Ристиќ и Деспотов��ки
Сашко Ѓ. Димовски
Седуммина стандардни репрезентативци ќе ги нема на располагање селекторот Мирсад Јонуз за претстојниот пријателски натпревар против Албанија на 17 ноември. Ако од претходно беше познато дека дуелот во Корча ќе го пропушти Филип Деспотовски, викендот донесе уште шест откажувања. Па, така за претстојната акција на националниот тим ќе ги нема и Горан Попов, Горан Пандев, Илчо Наумоски, Стевица Ристиќ, Бобан Грнчаров и Славчо Георгиевски. Дел од нив се повредени, дел од нив се недоволно залечени од повреди, а дел, пак, ќе бидат ослободени од репрезентацијата поради клупски обврски во националните шампионати.
Но, Јонуз не ја исклучува можноста за уште некое откажување пред денешното објавување на конечниот список на патници за Корча со оглед дека некои од играчите на кои смета за дуелот со Албанија вчера попладне имаа натпревари за своите екипи.
„Ќе почекам да се комплетира колото, но доста од репрезентативците веќе потврдија дека нема да дојдат поради повреди или барања од нивните клубови да бидат ослободени за претстојниот меч со Албанија. Нивните места ќе ги пополниме со играчи кои значат перспектива и имаат репрезентативен потенцијал“, изјави македонскиот селектор, Мирсад Јонуз.
Един Нурединовски од и Мартин Богатинов најверојатно ќе биде неговиот изборот за голманската позиција. Најавени се доаѓања и на голем дел од играчите кои беа во конкуренција за националниот дрес во квалификациските дуели против Словачка, Ерменија, Андора и Русија. Меѓу нив се Ванче Шиков, Николче Новески, Игор Митрески, Дарко Тасевски, Александар Лазевски, Александар Тодоровски, Владе Лазаревски, Величе Шумуликоски, Иван Тричковски, итн...
Собирот на репрезентацијата ќе биде во Подградец, 25 километри од Корча, местото каде што ќе и' гостуваме на соседна Албанија. Закажан е за понеделник, 15 ноември. Последни таму ќе се јават Нурединовски и Шиков, а до натпреварот нашата репрезентација ќе одработи два тренинга, едниот во Подградец, вториот на тревникот на кој ќе се одигра мечот. |