Број 3301  вторник, 08 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Економија

Кои се грчките банкрот-кредитори?

Тоа не ги знаат ниту инвеститорите, ниту регулаторите, ниту самите банкари

Мистерија од 2,6 илјади милијарди долари. Тоа е сумата што странските банки и другите финансиски компании им ја зајмија на јавните и на приватните институции во Грција, Шпанија и Португалија, трите земји, кои се толку заглавени во економски проблеми што аналитичарите и инвеститорите претпоставуваат дека значаен дел од таа планина од долгови можеби никогаш нема да биде исплатен.

Проблемот е во тоа што никој, ниту инвеститорите, ниту регулаторите, ниту самите банкари, не знае точно кои банки имаат најмногу лоши долгови во рамки на тој куп. А сомнежот предизвика веќе чувствителниот финансиски систем на Европа повремено да се блокира. Во почетокот на минатиот месец, како индикација колку опасна стана ситуацијата, европските банки кои имаат повеќе од половина од тие 2,6 илјади милијарди долари во долгови, речиси го стопираа зајмувањето пари меѓу себе.

Сега кога владините ресурси се напнати, а довербата во европските економии пропаѓа, некои аналитичари истакнуваат дека банките од европскиот континент треба да расчистат со транспарентни и ригорозни сметки за нивните проблеми. Дотогаш, велат тие, никој не ќе може ефективно да се справи со се' поголемите проблеми на Европа.

Иако повеќето големи јавно наведени банки понудија информации за нивното изложување, на пример, Дојче банк од Франкфурт соопшти дека има 500 милиони евра во грчки владини обврзници и нема шпански или португалски независен долг, малку се разоткрија стотици помали хипотекарни заемодавачи, државни банки и институции за штедење кои доминираат во банкарството во земјите, како што се Германија и Шпанија.

И покрај „мошне конзервативните практики на зајмување“ ДЕПФА, која првенствено ги услужува владите, флертуваше со катастрофата. ДЕПФА и нејзината матична куќа, „Хипо реал естејт холдинг“, зајмувач на имот надвор од Минхен, има 80,4 милијарди евра од долгот во јавниот сектор од Грција, Шпанија, Португалија, Ирска и Италија. „Хипо реал естејт“ има стотици милиони во несигурни заеми на недвижен имот во нејзините записи, како и „токсична“ актива што се поврзува со хипотекарната криза во Америка. Во првиот квартал таа издвои дополнителни 260 милиони евра за да ги покрие потенцијалните загуби од заеми, достигнувајќи вкупно 3,9 милијарди евра. Но, таа сума е само капка во кофата, скромни 1,6 отсто од вкупниот заем на „Хипо“. Холдингот се' уште не издвоил средства за парите зајмени на владите во Грција и другите проблематични земји.

Европската централна банка проценува дека најголемите банки на континентот ќе запишат 123 милијарди евра за лоши заеми оваа година и дополнителни 105 милијарди евра идната година, иако тие суми ќе бидат делумно неутрализирани од добивките во други холдинзи.

Аналитичарите од Кралската банка на Шкотска проценуваат дека од 2,2 илјади милијарди евра, кои европските банки и друг��те институции надвор од Грција, Шпанија и Португалија можеби ги зајмиле на тие земји, околу 567 милијарди евра се владини долгови, околу 534 милијарди евра се заеми на небанкарски компании во приватниот сектор и околу една илјада милијарди евра се заеми на други банки. Иако кризата потекна од Грција, многу повеќе зајми Шпанија и нејзиниот приватен сектор, односно 1,5 илјади милијарди евра во споредба со 338 милијарди колку што зајми Грција.

Надвор од тие далекосежни процени, сепак, малку други детални информации се јавно познати за заемите, кои изнесуваат 22 отсто од европскиот БДП. Прашањето што сега виси над Европа е колку други банки имаат проблеми слични на тие на ДЕПФА, но не ги обелодениле.

Владите од Европската унија се здружија со ММФ за да понудат речиси една илјада милијарди долари во заемски гаранции за европските банки. Во исто време, Европската централна банка почна да купува владини обврзници првпат за да спречи продажба на грчки, шпански и други независни долгови. Тие мерки, пред се', сметани како де факто банкарско спасување, вратија малку смиреност на пазарите, но критичарите истакнуваат дека помошта едноставно купила време без да се намали вкупниот должнички товар. Големите берзански индекси во Европа и еврото продолжија да паѓаат, додека инвеститорите остануваат сомничави околу способноста на Грција и можеби другите земји да ги исплатат нивните долгови.

Според студијата на Кралската банка на Шкотска, банките во Франција имаат најголемо изложување на долгот од Грција, Шпанија и Португалија, со 229 милијарди евра; германските банки се на втора позиција со 226 милијарди евра, потоа следуваат британските и холандските банки со околу 100 милијарди евра секоја, па американските банки со 54 милијарди евра и италијанските банки со 31 милијарда евра.

(Интернешенел хералд трибјун)


#
Статијата е прочитана 1561 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 08.06.2010 00:58:29
Pred se Germanskite banki, no slicno kako Grcija se imaat zadolzuvano i drugi Juzno-Evropaski drzavavi. Najinteresnoto e, zosto ja odbraa Grcija kako prva, i dali sega porazvienite ke gi dotiraat nerazvienite koj go imaat istiot problem kako i Grcija i do koga.Vakva finansiska realnost imase i Yugoslavia,pa se raspadna,od pricina sto Slovenija i Hrvatska ne sakaa poveke da davaat za Kosovo i Crna Gora koj bea finansiski crni dupki vo SFRJ. Dali Germanija(kako Slovenia) ke prodolzi da im pomaga na Grcija, Portugalija,Spanija..(Kosovo, CG)ili i EU ke trgne po patot po koj trgna YU na pocetokot na devedesetite.(samo bez vojna),ili ke se centralizira(kako sto zamisluvase Milosevic, pod dominacija na Srbija)no EU pod dominacija na Germanija,i dali i ovojpat Amerite ke se vmesaat so svoj "planovi".

Најди! во Утрински
Економија
Сорос
„Охи“ за полни резервоари во Грција
Странци ќе ни носат странски инвеститори
Доларот се' поскап во менувачниците
Расте обемот на стоковната размена, но и дефицитот
Бензините поевтини за еден денар
Македонските фирми можеле, а не зеле европски пари
За пет години крај на еврото?