Сорос: Грција влезе во економска спирала на смртта
Кризата е почеток на крајот на ЕУ доколку таа не преземе одредени мерки, но не неодамна договорените
Специјализираните економски светски медиуми, посебно „Блумберг“, ја пренесуваат оцената на контроверзниот светски мултимилјардер Џорџ Сорос за случувањата во Грција. Накусо, кризата во Грција е почеток на крајот на Европската унија. Тоа ќе се случи доколку ЕУ не преземе одредени чекори и мерки, но не овие што се неодамна договорени.
Сорос тврди дека Грција влегла во „економска спирала на смртта“ и дека ЕУ не требало да и' даде помош на Атина од 110 милијарди евра, туку најмногу 30, бидејќи „тој пакет со помош е преголем залак за неа“. Тој смета дека краткорочни заеми со поволни камати на Грција би и' биле доволни за надминување на кризата, без спектакуларните задолжувања од фондовите на ЕУ, ММФ и Светската банка, но единствно доколку Грција „навистина го стегне ременот и штеди“. Сорос смета дека „рецептот“ за спас на Грција што тој го предлага „не може да им помогне на Шпанија, Италија и Португалија, кои набрзо ќе дојдат во истата ситуација како и Атина“. „За нив се потребни целосно други решенија“, изјави Сорос.
Џорџ Сорос е своевиден креатор на глобалната економска криза, оцени американскиот сервис на бизнис-вести „Блумберг“. Овој сервис потсетува дека Сорос, за разлика од многупати досега, во стекнувањето на своето богатство не ги искористи нарушувањата во светските економски текови, туку овој пат уште пред две години предупреди дека доаѓа глобална криза. Сорос, потсетува „Блумберг“, зборуваше кон почетокот на 2008 година за доаѓање на светска криза, слична, а можеби и попогубна од онаа од 30-тите години на минатиот век. Меѓутоа, никој не го сфати сериозно.
Најуспешниот бегалец од Унгарија, сепак, вели „Блумберг“ заработи и на најновата светска криза, но навистина без претходни спектакуларни махинации. Неговиот фонд ЛЛЦ во последниот квартал од минатата година двојно го зголеми капиталот, благодарение само на промените на цената на златото на светските берзи и сега располага со 25 милијарди американски долари.
Џорџ Сорос и' стана познат на светската јавност во септември 1992 година како „човекот што ја упропасти Англиска банка“. Тогаш, со купување на британска валута во вредност од околу десет милијарди долари во ден, кој беше наречен „црна среда“ предизвика нејзин крах и излегување на фунтата од „европскиот механизам на курсни листи“. Сорос во стекнувањето на своето спектакуларно богатство, следниот одлучувачки чекор го направи во 1997 година. Според никогаш докажаните тврдења на светските експерти, тој тогаш предизвикал крах на источноазиските берзи. Сорос со купување јавни задолжувања од околу десет милијарди од тие држави, кои сите свои сметки ги воделе во американски долари, ги натера земјите да преминат на други валути или „корпи“ на валути, заработувајќи многу милијарди долари.
Сорос, кој, според магазинот „Форбс“, има богатство од 14 милијарди долари, одделни експерти го нарекуваат „прагматичен берзански измамник“. Го оценуваа и како човек со посебно чувство, кое, всушност, никој не може да го разбере до крај. Познат како волшебник за берзански трансакции основаше мноштво невладини организации, кои „помогнаа“ да се раскрсти со остатоците од студената војна во Источна Европа. (МИА) |