Во тепачка на две групи, еден тешко ранет
Лицата С.М.(23) и М.Д.(26), двајцата од селото Бајрамовци, и М.М.(21) од Горни Папрадник завчера кај дебарското село Коџаџик биле запрени од неколку непознати лица во возило „лада“ со црвена боја. Откако излегле од возилото „опел корса“, набргу дошло до расправија и тепачка со непознатите.
Во тепачката, еден од непознатите го удрил С.М. со дрво по глава, но тој од под седиштето на „опелот“ извадил пиштол, за кој не поседувал дозвола, и без предупредување почнал да пука кон напаѓачите, кои побегнале, упатувајќи се кон нивното возило. Тројцата се упатиле со своето возило кон селото Пареши каде што го скриле пиштолот, а потоа заминале кон центар Жупа. Таму планирале да побараат медицински третман, бидејќи С.М. имал крвавење од главата.
Полицијата извршила раз��овор со нив, а заради целосно расчистување на случајот, во ПС во Дебар биле повикани и лицата М.Ј.(29), М.М.(24), двајцата од село Новак, и С.Ш.(23) од Коџаџик. Кога М.Ј. излегол од возилото, почувствувал болка во стомакот од прострелна рана, но и повреда на десната натколеница и една површинска рана. Поради сериозноста на повредите, со службено возило бил пренесен во Медицинскиот центар во Дебар, од каде што, пак, со возило на Брза помош бил пренесен во скопскиот Ургентен центар.
За лицето кое го поседувало пиштолот и за неговите пријатели, според полицијата, ќе следува кривична пријава за дела обид за убиство и недозволено држење оружје или распрскувачки материи, но и за помагање на сторител по извршено кривично дело. (Ц.Х.) |