05.04.2012, 18:32 Едиторијал
Буџетот се сопна пред да прооди
Нина Нинеска-Фиданоска
Владата најпосле го крена белото знаме. Годинава на македонската економија нема да и' оди толку добро како што беа предвидувањата на премиерот и на министерот за финансии. Државниот буџет, за кој толку многу посакуваа добро да се наполни и да има пари за сите планови, уште во првите три месеци од годинава, едноставно изневери.
Сега мора да се намалуваат трошоците. Дури 120 милиони евра ќе мора да се „пресечат“ од трошаџиските апетити на Владата, од многу проста причина, бидејќи е невозможно да се соберат претходно планираните фантастично високи буџетски приходи.
Но Владата ќе скуси од секаде, само не од платите на административците, пензиите, социјалните трансфери и субвенициите во земјоделството. Капиталните инвестиции, или попрецизно кажано парите од буџетот што се трошат за изградба на патишта, пруги и енергетски објекти, пак ќе бидат ставени на стенд бај. А со толку многу гордост министрите ги соопштуваа нивните агенди дека годинава за такви капитални проекти ќе бидат употребени дури 440 милиони евра, или цели 29 проценти повеќе од минатата година.
Меѓутоа, не било баш се' толку розево. Сега излезе дека некој од најавуваните проекти нема да ја доживее светлината на денот. Дали модернизацијата на железницата, дали автопатот, дали некоја болница или училиште, сеедно, ножицата ќе мора некаде да заигра. Веќе сме сведоци на првите сигнали на негодување од бизнисмените, кои ја молеа Владата овие средства да не останат само на хартија, туку да станат реални објекти. Тие вчера побараа да не се кратат капиталните инвестиции, туку целосно да се искористат. Во спротивно, лошо ќе им се пишува на компаниите. Уште еден апил упати бизнисот, дека Владата наместо постојано да се грижи за социјалата, да им помогне на фирмите да излезат од кризата.
Кога се намалува трошењето, јавноста со право може да праша дали, на пример, и барокните градби ќе се најдат на удар на мечот на ребалансот. Бидејќи тоа е веќе луксузирање, а луксузот, се знае, исчезнува кога стапува на сцена штедењето. Но, тешко е да се очекува такво нешто, ако се имаат во предвид амбициите за ретро стил во градската архитектурата.
Владата допрва ќе прави анализи кои од предвидените трошења нема да се реализираат. Министерот за финансии Ставрески најави дека први за „рационализација“ ќе бидат проектите каде што „има побавна динамика на реализација“. Но оттука произлегува прашање - зошто се дозволило да доцнат, кога Владата и министрите велат дека работат деноноќно.
Важно, платите на административците нема да ги чепнат. Ниту, пак, нивните работни места ќе бидат загрозени. А очекуваше ли некој поинаква одлука ако се знае дека последниве години вработувањата во администрацијата се вршат главно според критериумот на партиски заслуги?
И земјоделските субвенции се „со закон заштитени“. Во време кога индустријата тоне шест месеци по ред, оние 130 милиони евра што им беа ветени на земјоделците како поддршка, мора баш во целост да се реализираат. Имаат ли овие мега субвенции некакви ефекти во земјоделскиот сектор, одговорот е - минимални. Ама има голем политички бенефит за Владата од лојалноста што и ја испорачуваат земјоделците на секои избори.
Ребалансот на буџетот е стрес-тест за секоја влада, но и за оние кои живеат од дотациите од буџетската каса. Затоа е потребно негово внимателно планирање а уште повнимателно трошење, особено кога изворот на буџетските средства – граѓаните и стопанството се во криза.Изгледа дека Владата таа лекција не ја научи, или пак можеби ја знае, но притисната од политичките околности, постапува спротивно од неа. |